Свет
10. November 2024 - 9:01

Трамп: Хејли и Помпео нема да бидат дел од новата администрација

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп вчера изјави дека на поранешната републиканска претседателска кандидатка и поранешна амбасадорка на САД во ОН,  Ники Хејли, и на поранешниот државен секретар Мајк Помпео нема да им биде понудена позиција во неговата администрација.

„Нема да ја поканам поранешната амбасадорка Ники Хејли и поранешниот државен секретар Мајк Помпео да се приклучат на администрацијата што во моментов се формира“, објави Трамп на сопствената социјална мрежа „Truth Social“.

„Многу ја ценев работата со нив и би сакал да им се заблагодарам за нивната услуга за нашата земја“, додаде новоизбраниот американски претседател.

Пред инаугурацијата, која традиционално се одржува на 20 јануари, Трамп има средби со потенцијалните кандидати за служба во неговата администрација. Британските медиуми во петокот објавија дека тој веќе разговарал со истакнатиот инвеститор Скот Бесент, кој е потенцијален кандидат за министер за финансии на САД.

Хејли, поранешна гувернерка на Јужна Каролина, која беше амбасадор на САД во Обединетите нации за време на првиот мандат на Трамп, го поддржа за претседател и покрај тоа што жестоко го критикуваше кога таа се натпреваруваше за номинација внатре во партијата.

Помпео, кој беше државен секретар на Трамп и директор на ЦИА, во некои медиумски извештаи се споменуваше како можен секретар за одбрана.