Македонија
18. February 2025 - 16:15

Тошковски: 80 години Оддел за заштита на определени личности и објекти, заради нив сме посилни и како држава и како општество

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Музејот на македонската борба за самостојност присуствувал и се обратил на јубилејот 80 години од формирањето на Одделот за заштита на определени личности и објекти во рамки на Бирото за јавна беабедност при МВР.

Тошковски потенцирал дека одделот ги влече своите корени од АСНОМ-ска Македонија кога со повелба е конституиран во 1945 година а припадниците на одделот ги преку својата професионалност, будност, сила и неуморност секојдневно се грижат за безбедноста на определени личности, објекти како и заштита на критичната инфраструктура неопходна за функционирање на општеството.

- Припадниците на Одделот, од самото свое основање, до денес, биле и ќе бидат на првата линија на одбраната против сите форми на закани, следејќи ги сите европски и светски стандарди и можам да кажам дека имам само гордост за нивото на професионалност, одговорност, посветеност и интегритет кои постојано ги покажуваат во службата кон  министерството и државата, истакнал министерот Тошковски, соопштија од МВР.

Споменувајќи ги резултатите на работата на Одделот за заштита на определени личнисти и објекти,  нагласил дека само оваа година одделот има извршено обезбедување на 108 делегации  и 47 меѓународни и домашни манифестации за чија беспрекорна организација МВР добива честитки од меѓународните партнери и пријатели.

- Заради вас и ние сме посилни, и како држава и како општество. Преку врвната обука, прифатените високи стандарди на работа, постојаниот фокус и на најситните детали, вие сте нашиот тивок, невидлив, а непробоен штит и заштитник на македонското општество. Вие сте хероите кои работат од сенка, и како што вели и вашето мото СЕКОГАШ БУДНИ, го чувате дел од мирот и безбедноста на сите нас, потенцирал министерот Тошковски.

На манифестацијата било презентирано новото лого на одделот со лав во средишниот дел кој традиционално е симбол на заштита и моќ со храброст, сила и одлучност, доделени биле плакети на пријателите и соработниците на одделот, а била изведена показна вежба од страна на припадниците на Одделот за заштита на определени личности и објекти.