Свет
4. August 2017 - 17:48

Топлотниот бран „Луцифер“ ги погоди јужна и источна Европа

Во делови од јужна и источна Европа денеска се измерени температури од над 40 степени Целзиусови, погодени од топлотниот бран, кој во Италија го нарекоа „Луцифер“, а кој предизвика шумски пожари и им наштети на посевите, но предизвика и жртви.

Европската метеоролошка служба „Метеоаларм“ издаде највисоко „црвено“ предупредување за десет земји, а Италија и Западен Балкан се најзагрозени од најновата временска непогодба. И посеверните делови од овие региони, како што е јужна Полска исто така се погодени од високи температури.

Пожарникарите имаат полни раце работа во Србија, Босна и Херцеговина, Македонија и Хрватска, а властите им препорачаа на жителите да останат во домовите и да пијат поголема количина вода. И следната недела на овие простори се очекуваат температури од околу 40  степени.

Најмалку две лица загинаа како последица на жештините, едно во Романија, а друго во Полска, додека голем број се префрлени во болница, откако претрпеле топлотен удар, сончаница или имале други зравствени проблеми поврзани со екстремно високите темпратури.

Поради екстремните температури во Италија почна бербата на грозјето неколку недели порано од вообичаеното.

Италијанските власти издадоа предупредување на ризикот од временсите услови за 26 градови, вклучувајќи ги познатите туристички дестинации Венеција и Рим, каде многу фонтани се исклучени поради долготрајните суши.

Со жештините се бори и Унгарија, каде чуварите во Зоолошката градина на Будимпешта носат големи блокови мраз за да ги разладат двете поларни мечки, кои ги хранат со ледени лубеници.

Според британските медиуми, името „Луцифер“ на топлотниот бран над Европа му го дале Италијанците.