Македонија
26. September 2016 - 15:14

Титулата национален уметник на Македонија за Никола Маџиров

Македонскиот и светски афирмиран поет Никола Маџиров денеска од претседателот на државата Ѓорге Иванов ја прими титулата Национален уметник на Република Македонија.

На свеченоста во претседателската вила, Иванов истакна дека она што е навистина фасцинантно зa Маџиров е што остана доследен на поезијата и на литературата, и на животот со неа и за неа. Тој успеа да остане поет кога многумина се откажаа од поезијата и преку своите стихови да ја афирмира Македонија и македонската литература.

- Јазикот навистина е нашата единствена комплетна татковина. Toa несомнено најдобро го знаат поетите. Благодарение на препевите на педесетина светски јазици, поезијата на Маџиров има многубројни татковини и во сите нив со пиетет се зборува за неговата прва татковина - Македонија, рече претседателот Иванов.

Тој потсети дека за оваа награда која се доделува по шестти пат, уште од востановувањето се поставува прашањето дали ние имаме толку уметници и дали е пoтребна таква награда.

- Македонија до сега има шест, но ќe има уште многу национални уметници. Ќе има затoа што имаме луѓе обдарени со кративност и духовност да создаваат и да ја прославуваат Македонија. Сме имале и ќе имаме уметници со кои ќе се гордееме во светот. Од нас зависи дали ќе ги почитуваме уметниците што ги имаме, акo не повеќе, тогаш барем онолку колку што ги почитуваат во светот. Да не дозволиме надвиснатите предизвици да ни ја заматат перцепцијата. А, за тоа е потребно многу малку. „Капка врз очилата, и поинаку го гледаш светот”, како што вели во еден стих поетот Маџиров, порача Иванов.

Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска истакна дека со врачувањето на оваа награда се одбележува и веднува уметничкиот влог на нашиот исклучителен поет Маџиров кој изминативе години на најразлични еминентни поетски фестивали низ светот ја промовираше својата поезија, но и убавината и милозвучноста на нашиот македонки јазик и писмо.

- Никола Маџиров е еден од авторите со непресушна творечка инвенција, кој низ убавината на својот пишан збор му испрати порака на светот дека не постојат мали и големи јазици и мали и големи култури. Со своето богато творештво и со својот препознатлив сензибилитет тој многу одамна ги надмина границите на нашиот културен простор и оствари интензивна комуникација со културните случувања во светот преку бројните учества на најетаблираните меѓуанродни манифестации и фестивали каде даде значаен придонес во афирмацијата на новата македонска книжевност во светот, рече Канческа Милевска.

Авторот Маџиров симболично низ стихови свои и од светски автори се заблагодари за наградата и укажа на предизвиците на патот на поетот и поезијата која од него направила да бара дом насекаде.

- Ова признание го замислуван и како „преместен камен“ за оние што допрва доаѓаат во име на поезијата и длабоката посветеност на уметноста и прифатеноста од светот зашто главен критериум се меѓународните и западноевропски одгласи и признанија и тоа оние кои не носат сервилност. Порачката на актуелниот миг и учебничкиот копнеж по историска вечност можат само да ја ранат поезијата која ќе ја бранат со кревкост и коњичка доследност, вели Маџиров.

Никола Маџиров е роден 1973 година во Струмица. Пишува поезија и есеи, а се занимава и со превод и со уредување. Досега има објавено повеќе збирки поезија. Неговата поезија е објавена на преведена во 50-тина земја и е преведена на 45 јазици. Добитник е на повеќе книжевни награди, а  неговите дела се меѓу најпродаваните поетски книги на европски автори на „Амазон“. Делото „Преместен камен“ беше избрани меѓу најзначајните четири книги од Централна и Источна Европа за 2011 година.

Досегашни добитници на ова значајно државно одличје се Симон Трпчевски, Милчо Манчевски, Есма Реџепова, Борис Трајанов и Ана Дурловски.