Балкан
17. јуни 2022 - 16:33

Тензично во бугарското Собрание - денеска влегува францускиот предлог

Зовре бугарското Собрание. Пратениците на раб на тепачка во новата тензија која следуваше по вчерашната смена на претседателот на парламентот Минчев и формирањето на новата коалиција, која претставува сериозна закана за владата на Петков.

Атмосферата се вжешти откако пратеникот Костадинов од “Преродба”, вчерашните демонстранти кои го поддржаа Минчев ги нарече “фашистички измет”, кои пробале да направат нов Мајдан во Бугарија.

Ова беше доволно за турканици помеѓу пратениците на владејачката Продолжуваме со промената и опозициската ДПС.

Кулминацијата на бугарската политичка сцена ќе се случи в среда, за кога е закажано гласањето за недоверба на владата на Петков. Иницијативата ја поднесе опозициската ГЕРБ, а за нејзин успех се потребни гласови од најмалку 121 пратеник, мнозинство кое вчера беше демонстрирано при смената на претседателот на парламентот.

Борбата за пратенички гласови продолжува, а денеска уште еден, шести пратеник од “Има таков народ” му се придружи на Петков во обезбедувањето мнозинство, на кого му фалат уште шест пратеници за да ја зачува владата.

Тензиите од изминатите денови во бугарското Собрание следуваат во пресрет на францускиот предлог, кој треба да донесе решение за кревање на ветото и решавање на македонското прашање.

Владата мора да ги отфрли сите сомнежи дека Бугарија може да отстапи од ветото, коментира бугарскиот претседател, во спротивно ќе има тешки последици.

Документот денеска се очекува да стигне до бугарското Собрание, а според најавите, се очекува да ги содржи бараните гаранции од двете земји со кои ќе дојде до решение и отстранување на ветото.

Скопје бара гаранции дека барањето за влез на Бугарите во македонскиот Устав ќе биде последното бугарско барање во однос на овој проблем. Софија, пак, бара, ЕУ да биде гарант дека Македонија ќе ги исполни условите на Бугарија.

Со предлогот на француското претседателство вчера требаше да се запознаат и сите земји членки на Унијата.