Македонија
21. August 2018 - 16:49

Телекомуникацискиот сектор бележи пад на профитот

Намалени се вкупните приходи на пазарот за електронски комуникации. Агенцијата за електронски комуникации бележи пад на приходите во овој сектор за 0,29 отсто во 2017. година во однос на претходната, 2016.

Претплатниците во мобилната телефонија во Македонија месечно во просек зборуваат нешто под 200 минути, а иницираат по 104 повици,  Најголем дел од повиците, односно 73 проценти се остваруваат во сопствена мобилна мрежа. Сообраќајот кон други мобилни мрежи во државава е значително помал и изнесува околу 49 минути.

Значително помал е сообраќајот во фиксната телефонија. Во сопствена фиксна мрежа, сообраќајот изнесува две минути, а кон други фиксни телефонски мрежи во Македонија нешто под две и пол минути. Кон странство, пак, просечно се зборува по 0,8 минути.

Времетраењето на единечен повик во 2017 година е намалено кај сите три оператори во споредба со претходната година.

И покрај тоа што на пазарот работат три оператори кои нудат различни услуги целокупниот обем на сообраќај во 2017 година во однос на претходната бележи опаѓање за околу 22 отсто. Пад се забележува и во однос на вкупниот број на појдовни повици и тој параметар во однос на 2016. година е намален за нешто над 21 процент.

На крајот на минатата година трите оператори имале вкупно 2.008.008 активни претплатници. Бројот на фиксни линии по основ на сите технологии во 2017 година изнесува нешто над 365 илјади и е намален за 0,5 проценти во споредба со 2016 година