Таравари го доби управниот спор, МОН најавува жалба
Ќе си ги врати ли градоначалникот Аребн Таравари своите ингеренции за разрешување и именување на директори во основните и средните училишта во Гостивар или пак, сепак министерот за образование Арбр Адеми со Просветниот инспекторат во два наврати одлучиле правилно дека градоначалникот постапувал незаконски?
Дилемата е уште поголема по решението на Управниот суд кога пред два дена ја поништил одлуката на Адеми за одземање на градоначланичките ингеренции. Но, по оваа одлука на судот, министерот најавува жалба до повисокиот суд.
Таравари ја објави пресудата на Фејсбук и побара оставка од министерот.
- Министерот за „ингеренции” и „докторот по правни науки”, според Управниот суд немал право кога ги одзел ингеренциите за образование на Општина Гостивар. Почитуван „доценте” врати ги ингеренциите, јавно извини се и поднеси си неотповиклива оставка, не поради мене, туку поради учениците и наставниците во Гостивар, кои ги малтретираш сега веќе две години. Правдата излезе на виделина, напиша Таравари.
Од министерството за образование, пак, велат дека пресудата е во корист на Таравари само затоа што не е доставена целокупната документација во врска со овој случај, како и поради нечитливост на дел од доставените списи, а не затоа што градоначалникот бил во право.
- Донесената пресуда не значи дека судот потврдува дека општината постапувала законски кога разрешувала и именувала директори на училишта, ниту пак значи дека Министерството за образование и наука не постапило правилно со носењето на одлука за одземање на ингеренциите во тој дел. Врз основа на донесената пресуда на Управниот суд, Министерството за образование и наука има две опции, едната е да донесе повторно решение за одземање на ингеренциите на општината и втората, да ја обжали пресудата до Виш управен суд. МОН одлучи да ја искористи втората правна можност , информираат од министерството.
Таравари и Адеми веќе година и пол се во судир за тоа дали градоначланикот постапувал правилно во секторот образование во Гостивар. Министерот од редовите на ДУИ тврди дека градоначалникот на Алијансата на Албанците незаконски разрешувал кадри во училиштата по локалните избори 2017 година, а на раководни позиции именувал лица кои немале ни високо образование, по што му ги одзеде ингеренциите и ги врати старите директори во училиштата. Таравари обвинува пак, дека одлуката на Адеми е политичка.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар