Со европски пари се обновува штипско Ново Село
Во штипско Ново Село почна реставрацијата на термоминералниот извор Л’џи, со европски пари. Овае само почеток на проектот кој опфаќа повеќе инфраструктурни зафати.
- Финансиските средства се обезбедени преку пограничната соработка со Бугарија, преку Центарот за развој на Источниот плански регион и општина Штип. Дополнителен буџет одвоивме од буџетот на општина Штип, за да можеме да го заокружиме и реализираме целиот овој проект, кој предвидува реставрација на една куќа во Ново Село, реставрација и уредување на локалитетот Л’џи и реконструкција на сместувачкиот капацитет во бањата Кежовица, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Со дополнителни средства од општинскиот буџет за 2027 година се планира обновување на фасадите на десетина стари куќи во Ново Село, со цел зачувување на автентичниот изглед на населбата и нејзино претворање во музеј на отворено. Предвидено е и расчистување на речното корито, реставрација на мостот кај Л’џи, како и уредување и осветлување на просторот. Со овие зафати, Ново Село треба да стане попривлечно за туристите и посетителите.
- Со овој проект сакаме да придонесеме Ново Село да го добие својот посакуван лик и да биде една туристичка дестинација на луѓето од Македонија, но и на луѓето од регионот. Поради тоа ги ставивме овие три активности во овој наш проект. Инаку, преку овој проект исто така и во општина Пробиштип се финансира изградба на планинарски дом, реконструкција на планинарски дом и во општина Кочани мултифункционално игралиште. Значи, активностите веќе во трите града се започнати и очекуваме во првото тримесечје од наредната година да бидат завршени, изјави Трајче Здравков, директор на Центарот за развој на Источниот плански регион.
Проектот, покрај Штип, опфаќа и инфраструктурни инвестиции во Пробиштип и Кочани.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
