Балкан
18. December 2016 - 20:06

Тајната служба на албанската армија спречила повеќе терористички напади

Албанската министерка за одбрана, Мими Кодели изјави дека повеќе терористички напади биле спречени благодарение на успешната работа на тајната служба на војската.

Средбата на директорот на ЦИА, Џон Бренан со министерката Кодели, првата недела на овој месец во Тирана, според тиранската телевизија Топ ченал, не беше обична куртоазна средба туку оценка на ставот, позицијата и услугите кои албанската армија, посебно нејзината тајна служба, ги дава за сојузничките земји.

- Разгледавме сериозни проблеми со директорот на ЦИА и нормално тој искажа голема благодарност за многу успешната работа на тајната служба на нашата армија, информациите благодарение на кои беа спречени, го кажувам тоа под целосна одговорност, несакани настани, кои беа планирани да се случат во нашата и во други сојузнички земји. Не можам да споделам повеќе информации за јавноста, но армиската тајна служба денеска се користи за многу сериозни нешта а не за политика, изјави Кодели.

Еден од ваквите настани е и спречувањето на планираниот терористички акт кој требало да се случи на фудбалскиот натпревар Албанија-Израел на 12 ноември во северниот албански град Скадар, поради што беа уапсени повеќе лица во Албанија и Косово, членови на терористичка група.

Во координација со Лавдрем Мухаџери, водач на албанските џихадисти во ИД, оваа џихадистичка група нападот планирала да го изведе со експлозив и огнено оружје. Како безбедносна мерка натпреварот беше одржан во Елбасан, каде дел од безбедносниот систем го обезбедија самите израелски служби.