Македонија
1. October 2019 - 16:44

Свиркачот Костовски влегува во новата Агенција која ја заменува УБК

Некогаш обвинет и осуден за Пуч, подоцна трансформиран во клучен сведок на СЈО во предметот за нелегално прислушување- Ѕвонко Костовски ќе биде дел од новата Агенција за национална безбедност.

Неговата биографија која брои години поминати во УБК се до скандалот со прислушувањето и неговото апсење, била прифатена од Комисијата која вршела селекција на кадри. Во оваа нова Агенција Костовски со останатите вработени ќе треба да врши контрола и да спречи злоупотреба на системот за следење на комуникациите.

Проверката на вработените во УБК покажала дека околу 50 лица биле безбедносен ризик за Управата и тие веќе нема да бидат дел од Министерството за внатрешни работи.

Останатите вработени ја чекаат новата систематизација.

“Работиме на подготовка на систематизација со цел да добијат решенија во МВР, освен за оние за кои има утврдено безбедносен ризик кои ќе мора да го напуштат МВР и да бидат префрлени во други институции од кои ќе бидат прифатени, Околу 50-ина мислам дека се.”

Овие лица нема да останат без работа, туку според Законот, ќе бидат понудени на други државни институции.

Од ВМРО ДПМНЕ изразуваат незадоволство од процесот на селекција на кадрите во новата Агенција. Бараат да се формира нова комисија, која ќе направи нов избор согласно со законот.

Најостро реагираше пратеникот на ВМРО ДПМНЕ Трајче Димков, кој денеска даде оставка во Комисијата за селекција и избор на работници.

„Не се реализираше тестот за интегритет кој требаше да се спроведе согласно законот за АНБ, ниту се постапи согласно со информацијата на Државната комисија за спречување корупција во однос на судир на интереси при вработувањето. Исто така, од неразјаснети причини не се реализираше ниту предвиденото полиграфско тестирање“, вели Димков.

Новоформираната Агенција за национална безбедност е дел од реформата на безбедносно-разузнавачкиот сектор. Кандидатите поминуваа посебна проверка- прв таканаречен ветинг спроведен во земјава.