Свет
28. December 2019 - 12:29

СВЕТОТ ВО 2019: Протестите во Хонгконг - најголемиот предизвик за Кина

Големите протести кои почнаа во јуни годинава го втурнаа азискиот финансиски центар Хонгконг во неговата најсериозна криза во изминативе неколку децении.

Тие исто така претставуваа еден од најголемите народни предизвици за кинескиот лидер Си Џинпинг откако дојде на власт во 2012 година, но и во момент кога се прославуваше 70-годишнината од комунистичкото владеење во Кина.

На 9 јуни годинава започнаа масовни протести во поранешната британска колонија Хонгконг, каде повеќе од еден милион незадоволни граѓани првично излегоа на улиците како отпор против, сега суспендираниот, закон за екстрадиција, но во меѓувреме собирите прераснаа во крик за поголеми демократски права, против полициското насилство и барање оставка од лидерката на Владата на Хонгконг, Кери Лам.

Додека западните медиуми пренесуваа за мирни протести и употреба на прекумерна полициска сила врз демонстрантите, Кина ги отфрли таквите наводи. Официјален Пекинг соопшти дека протестите во Хонгконг покажуваат знаци на тероризам, „демонстрантите се главно насилни, некои се и екстремно радикални, а други ја оштетуваат јавната сопственост.“
Стотици студенти и ученици од средни училишта ја бојкотираа наставата за да учествуваат на протестите во Хонгконг, а во знак на поддршка кон демонстрантите им се приклучија и наставниците.

Кина објави дека ќе продолжи да ја поддржува Владата на Хонгконг да донесе закон за екстрадиција, според кој осомничените лица би можеле да бидат испратени на судење во нивната матична земја, Кина.

Првиот и најголем протест во изминативе децении во Хонгконг заврши со немири, кога стотици демонстранти се обидоа да ги пробијат полициските барикади за да дојдат до седиштето на Владата. Полицијата употреби солзавец и палки за да ги разбие демонстрантите.

Во меѓувреме, американскиот претседател Доналд Трамп даде поддршка, изразувајќи верување дека кинескиот претседател Си Џинпинг се однесува „многу одговорно“ во врска со протестите во Хонгконг и очекува да ја направи вистинската работа. Кина ја поздрави изјавата на Трамп дека Пекинг треба сам да ја реши кризата во Хонгконг и обвини неидентификувани странски сили дека ги поттикнале „насилните протести“, предупредувајќи ги дека нивната намера е забележана, и на крајот ќе им се врати „на нивна штета“.

Точно два месеца од почетокот на протестите, односно на 9 август, демонстрантите во Хонгконг влегоа во зоната на пристигнувања на аеродромот, каде на патниците им делеа флаери, со цел туристите да ги запознаат со ситуацијата во Хонгконг и со своите барања, поставувајќи транспаренти на повеќе јазици.

Неколку стотина, главно млади луѓе во црни маици делеа летоци со цртежи кои ги опишуваат двомесечните протести, што доведоа до најголемата криза во тој град откако Велика Британија во 1997 година и го врати на Кина.

Властите во Хонгконг се обидуваа да ги уверат посетителите дека градот е безбеден, откако претходно неколку земји издадоа предупредување за безбедност во врска со протестите. По два дена е воспоставен сообраќајот на аеродромот, чие раководство доби дозвола времено да им забрани на демонстрантите да влегуваат во одредени зони на аеродромот.

За една од најголемите политички кризи во Хонгконг во последните децении, МИА пред неколку месеци разговараше со тогашниот привремен вршител на должност Амбасадор на Народна Република Кина во Република Северна Македонија, Мао Чингвен. Тој, меѓудругото, нагласи дека „полицијата во Хонгконг е многу воздржана во споредба со меѓународните стандарди“.

Мао Чингвен изрази надеж дека овие насилни протести ќе завршат на мирен начин, но и дека Кина е целосно подготвена за најлошото. Според него, немирите го отежнале животот во Хонконг, а истражувањата покажале дека многу мали и средни претпријатија претрпеле пад на заработката од 30 проценти и ги намалиле платите на вработените.

Кери Лам потенцираше дека нема намера да поднесе оставка. Таа оствари средба со група млади луѓе во врска со протестите, но не е постигнат никаков напредок ниту по едно од петте барања на демонстрантите, кои вклучуваат демократски избори, откажување од обвинувањата против уапсените демонстрани и независната истрага за употреба на прекумерна сила од страна на полицијата.

Од јуни досега во Хонгконг се одржани над 900 собири и протестни маршови. Во тој период се уапсени околу шест илјади луѓе, а против 932 демонстранта се покренати обвиненија.

Антивладините протести редовно се одржуваа секоја сабота во различни делови на Хонгконг, проследени со судири меѓу демонстрантите и полицијата. На 17 август илјадници провладини активисти одржаа голем патриотски митинг во центарот на градот во поддршка на властите и полицијата, осудувајќи ги радикалните демонстранти за нивните провокации, насилство и судири.

Инспирирани од мирните политички демонстрации „Балтички синџир“, што се случија на 23 август 1989 година, кога околу два милиона луѓе се фатија за раце во човечки ланец долг 600 километри преку три држави – Естонија, Летонија и Литванија, илјадници хонгконгшки демонстранти на 23 август се собраа на улиците држејќи се за раце, формирајќи човечки синџир наречен „Хонгконгшки синџир“.

Минатиот месец тројца продемократски пратеници во Хонгконг беа уапсени, а други четворица повикани во полиција за да бидат приведени. Полицијата соопшти дека тројца од пратениците биле уапсени и против нив се покренати обвиненија за спречување на работата на локалниот парламент за време на бурната седница на 11 мај, посветена на подоцна повлечениот предлог-закон за екстрадиција во Кина, кој ги предизвика протестите за демократски реформи во Хонгконг. Останатите четворица добиле налог да се јават во полициски станици, за да бидат приведени. Демократските пратеници ги осудија острите мерки на Владата како промислен потег, со кој ќе се предизвика ново насилство, како причина за одложување или откажување на окружните избори закажани за 24 ноември.

Илјадници луѓе излегоа на 8 декември на улиците на Хонгконг за да одбележат половина година против власта на таа автономна кинеска територија. Демонстрантите формираа огромна „човечка змија“ низ центарот на градот. Многумина држеа подигнати пет прсти, кои ги означуваат петте барања на демонстрантите. Полицијата претходно ги забрани протестите, откако тие станаа насилни, но го дозволи овој марш по неколку недели релативен мир. Митингот наречен „Стоиме обединети“ е организиран во момент на загриженост кај некои демонстранти дека движењето слабее, влегувајќи во седмиот месец, а Владата не покажува знаци за правење отстапки. Властите во Хонгконг се соочени со притисок да се согласат на независна истрага за полициското насилство кое предизвика гнев кај многу граѓани.

Во меѓувреме, се уапсени 11 луѓе, откако кај нив е пронајдено големо количество оружје. Специјалните служби претпоставуваат дека групата планирала да го употреби оржјето за време на денешните собири и на тој начин да ја дискредитира полицијата. Осомничените се уапсени поради поседување огнено оружје без дозвола, носење предмети кои можат да причинат штета, за поседување забрането оружје и за незаконско собирање. Првпат од почетокот на протестите е одземен пиштол, што предизвикало вознемиреност меѓу органите на редот и мирот. Одземени се и палки, ладно оружје, солзавци и два панцира. Се претпоставува дека дел од притворените се припадници на радикална група, која во октомври ја гаѓаше полицијата со молотови коктели.

Митингот наречен „Стоиме обединети“ е организиран во момент на загриженост кај некои демонстранти дека движењето слабее, влегувајќи во седмиот месец, а Владата не покажува знаци за правење отстапки. Властите во Хонгконг се соочени со притисок да се согласат на независна истрага за полициското насилство кое предизвика гнев кај многу граѓани.

Кинескиот претседател Си Џинпинг изјави дека Хонгконг оваа година се соочи со најмрачниот и најсложениот период, откако поранешната британска колонија и е вратена на Кина. Тој ја поздрави Кери Лам што се придржува кон принципот „една земја, два система“ и за нејзината храброст во текот на „вонредниот период“ за Хонгконг.

Хонгконг била британска колонија од 1842 година, сѐ додека суверенитетот не бил пренесен на НР Кина во 1997 година. За време на Втората светска војна од 1941 до 1945 бил под јапонска окупација, за повторно да го запоседнат Британците. Управуван е како специјален административен регион под Основниот закон за Хонгконг. Под условите на кинеско-британската заедничка декларација, НР Кина вети дека Хонгконг ќе има релативно голем степен на автономија до 2047, педесетина години од трансферот на суверенитетот. Според политиката „една држава, два система“, Хонгконг го задржува својот правен систем, валута, царинска политика, културно и трговско претставување, меѓународните спортски тимови и имиграциските закони, со тоа што НР Кина, односно централната влада во Пекинг, го претставува Хонгконг дипломатски и воено.

Габриела Точко/МИА