Свети Пантелејмон лекува и усреќува
Под Осоговието останало верувањето ако на големиот христијански празник посветен на Свети Пантелејмон, 9 август, се преспие во истоимениот манастир во селото Пантелеј, на момите и ергените ќе им се посреќи истата година да го сретнат својот животен сопатник. Преданијата за ова свето парче земја на само дванаесеттина километри северозападно од Кочани, говорат и за богатството на природни извори на вода „со лековити својства и исцелителни моќи„ што привлекуваат стотици верници и гости, не само на денот на манастирот.
Мештаните за лековити природни извори ги сметаат водата од самиот манастир Свети Пантелејмон, чиј извор е веднаш зад олтарот, потоа од „Трештена вода“ во месноста Трештеник која извира од карпа и оној непосредно под манастирот за кој се вели дека е единствен таков во Македонија. Се нарекува „црна вода“, бидејќи истекува од длабнатина од свет црн бор и има мирис и вкус на кока-кола.
Пространиот манастирски комплекс „Свети Пантелејмон“ доминира на една висорамнина тристотини метри над селото Пантелеј, распослано во подножјето на Осоговските Планини на 766 метри надморска височина. До оваа своевидна воздушна бања се стигнува по асфалтен пат, од три страни. Преку Велес, Штип и Кочани, преку Куманово и Свети Николе, и преку Кратово и Злетово.
Духовен рај
Од раскошната питомина на природата што нуди посакувано освежување во ова време од годината, заедно со мирот и спокојот што се „излеваат“ во просторот, веднаш станува јасно зошто овој манастир го носи епитетот - духовен рај под овој дел на Осогово. Ова го знаат сите што само еднаш престојувале во манастирските конаци кои се од отворен тип и кои имале можност да вкусат од манастирската храна. Велат, не можат а да не дојдат пак, што потврдува зошто комплексот на манастирот „Св. Пантелејмон“ е едно од најомилените излетнички места на населението од регионот.
Според Коце Стојменов, автор на книгата „Манастирски комплекс Свети Пантелејмон - село Пантелеј, Кочанско“, манастирот и селото постоеле уште во периодот на владеењето на српскиот жупан Стефан Немања (1166-1196). На ова упатуваат камените остатоци од куќи во месноста Трештеник, во атарот на денешното село, а напуштена поради честите удари на гром во истоимениот „Трештенски извор“ што некогаш како и денес го сметале за свето место. Во негова непосредна близина се наоѓа локалитетот плочи Рамни Камен, каде како што се пренесува, била изградена првата црква посветена на великомаченикот Пантелејмон. Била срушена за време на владеењето на султанот Мехмед 4 (1648-1687).
Близу два века подоцна, во 1885 година подигнат е денешниот манастирски комплекс Свети Пантелејмон, обновуван и реставриран низ вековите, на кого во 1872 година му претходела изградбата на малата селска црквичка - Успение на Пресвета Богородица, најстар духовен храм во селото Пантелеј.
Како и за многу цркви и манастири, така и за овдешните, од поколенијата се пренесуваат приказни за личности и настани важни за нивната изградба. Се раскажува, откако извесен Африм Бејоглу во 1858 година го продал чифликот во Пантелеј, стравувајќи од комитски напади, сопственик на земјата станал извесен Каро Беј Рогушот, христијанин. Во негово време живеела слепата девојка по име Нејтана Дамева, која сонувала дека на одредено место на неговиот чифлик ќе откопа вода од која ќе прогледа. Сама отишла таму и со голи раце копала на местото од сонот. Според едни записи вода не нашла и починала од повредите што ги добила, па водата ја пронашле селани на кои им оставила аманет на смртната постела. Според други, таа самата го ископала изворот кој по нејзините кажувања и претходно тука постоел, но бил затрупан, водата се појавила на површината, таа се замила и прогледала. Наполнила од неа, однела во селото и откако многумина се замиле со водата, преданието вели, оздравеле.
Местото бргу станало вистинско светилиште. Османлиите жестоко ги казнувале и прогонувале верниците. Се додека од водата од изворот не се излекувал некој виден Турчин, кој во 1863 година помогнал мештаните да добијат ферман за градба на светилиште. Една година откако Каро Рогушот во 1862 година и ја подарил земјата на црквата, па веќе немало никаква пречка, по што се изградени црквата Пресвета Богородица и манастирот Свети великомаченик Пантелејмон, кој по црквата Свети Никола во Штип е втор најголем световен храм во Брегалничката епархија. Зад олтарот на манастирската црква и денес жубори извор со вода за пиење, за кој мештаниет веруваат дека има лековити својства и дека е оној истиот од кој прогледала девојката Нејтана.
Со потпис на Папрадишки
Според црковните книги манастирот бил населен од монаси од Лесновскиот манастир: Кирил, Мартиније и Харалампија, кои почнале со описменување на локалното население со кирилица. Со оглед на тоа што се градел повеќе од еден век, од 1863, преку возобновувањето во 1885 година, само игуменот Мартиниј ја дочекал изградбата на велелепната црква посветена на светиот великомаченик Пантелејмон. Практично само тој учествувал и бил сведок на изградбата и на двата духовни храма. Инаку прв игумен на манастирот бил Харалапија и во негово време е градена црквата посветена на Успение на Пресвета Богородица.
За премрежното време во кое е подигната оваа мала црква со димензии 8 на 4,5 метри, градена од делкан камен и негодувањата и несогласувањата околу верувањето на луѓето за лековитоста на водите од атарот на селото Пантелеј, кое се верува дека го добила името по светецот, е фрескоживописот. Имено, со композициите во внатрешноста илустративно е претставен ставот на официјалната црква против бајачките и суеверието поврзано со него. Се е дело на зографот Захариј Димитриев, кој во 1873 година го изработил прекрасниот иконостас со престолните икони.
Игуменот Хараламија не дочекал да ја види манастирската црква посветена на Светиот Пантелејмон и калуѓерско-монашкиот дом, починал во 1875 година. Но, затоа на црквата и оставил камбана што ја донел по враќањето од подолгиот престој во Србија. Камбаната и денеска е во функција и со секое свое одѕвонување потсетува на богатата и необична духовна историја на падините на Осоговските Планини.
Самата манастирска црква е трокорабна, со исклучителна внатрешност и со потпис на мајсторот на својот занает, зографот Димитар Андонов-Папрадишки. Освен живописот, има иконопис и впечатлив иконостас. Во 1888 година Папрадишки бил млад, надежен зограф кој на ѕидовите на црквата и иконите ја оставил својата душа. Се знае дека живописот го изработил сам, а мал дел заедно со тајфата на Петар Николов. Со оглед на габаритноста на црквата и важноста на манастирот за овој дел од Македонија, Папрадишки во црквата посветена на Свети великомаченик Пантелејмон во кочанското село Пантелеј го работел долго и внимателно, во неколку наврати создавајќи трајни уметнички и духовни вредности.
Кети Мицковска/МИА
Ново на Сител
-
Ем земале социјална помош ем воделе луксузен живот, брачен пар од Штип организирал интернет коцкање
-
Криминална организација во Грција преку телефонски измами се стекнала со речиси три милиони евра
-
Пронајдени пушки и муниција во Десово
-
22-годишна девојка прегазена вчера во Скопје
-
Во делови од Сеул паднаа над 40 сантиметри снег, откажани повеќе од 140 летови
-
Операција „Адмирал“: Разоткриена измама со ДДВ од 2,9 милијарди евра
-
Ставот на Владата за уставните измени е јасен и остануваме на истиот, изјави Митева
-
Нова блокада на судот и обвинителството во Нови Сад