Македонија
8. December 2015 - 8:27

Свети Климент Охридски – Чудотворец

Заштитник на градот Охрид и на целиот македонски народ 

Денес Македонската православна црква го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски - Чудотворец, најпознатиот меѓу повеќето ученици на Светите браќа Кирил и Методиј.

Именден празнуваат: Климент, Климе, Климентина...

Македонската православна црква со посебно внимание но и со гордост го празнува споменот на својот патрон Свети Климент Охридски - Чудотворец. Првиот македонски архиепископ во исто време и творец на далеку познатата Охридска книжевна школа е најзначајниот македонски средновековен писател и педагог. Со својата активност и со своето дело на повеќе полиња, (црковно, просветно, книжевно итн.) тој стана заслужен не само за македонскиот народ туку и за целиот христијански свет.

Свети Климент заедно со Свети Наум Охридски се најистакнатите ученици на светите браќа Кирил и Методиј. Дваесетина години во Велика Моравија им помагале на солунските браќа во остварувањето на Моравската мисија. Кога кон крајот на 867 или почетокот на 868 година светите браќа Кирил и Методиј биле повикани во Рим со нив бил и Свети Климент. Тогаш бил ракоположен во духовно звање. По смртта на Кирил, во Рим, свети Климент заедно со свети Методиј се вратил во Моравија и му останал верен во одбраната на словенскиот јазик во црковната богослужба. По смртта на св. Методиј кога неговите ученици биле жестоко мачени, а потоа и протерани од Моравија во почетокот на 886 година свети Климент заедно со свети Наум и свети Ангелариј дошле во Бугарија, од каде што биле испратени во Охрид. Овде св. Климент ја основал познатата Охридска книжевна школа наречена и прв словенски универзитет во кој оспособил над 3.500 ученици за црковна богослужба. Паралелно со црковната и педагошката се занимавал и со книжевна и преведувачка дејност. Нему му се припишуваат опширните житија на св. Кирил и Методиј познати како Панонски легенди, најзначајниот извор за проучувањето на животот и делото на солунските браќа. Напишал и поуки за големите христијански празници (Рождество Христово, за Велигден, за Зачатието на Пресвета Богородица, за Благовештението на Пресвета Богородица итн.), пофални слова за други празници на апостоли и маченици (за блажениот пророк Захарија и за раѓањето на свети Јован Крстител, за Светите четириесет маченици, за свети Лазар, свети Димитрија, за бестелесните Михаил и Гаврил, за свети Јован Златоуст, за свети Климент патријарх Римски и многу други дела.

Не помалку значајна е и неговата преведувачка дејност. На св. Кирил и Методиј им помагал во преведувањето на потребната литература за црковната богослужба, а самиот го превел целиот Цветен триод.
По смртта Господ го прославил со многу чуда. Но бидејќи свети Климент уште за време на животот бил многу популарен меѓу народот, веднаш по неговата смрт неговиот култ уште повеќе се раширил. Се создале многу преданија во кои се среќава неговиот лик. Едни од нив содржат биографски податоци за светителот, други содржат мотиви со исцелителска содржина и раскажуваат за неговата моќ да лекува со допир, со лековити води или со лековити билки. Извесен број преданија зборуваат и за неговата просветителска дејност, за тоа како го описменувал населението, како го почувал да ја обработува земјата, да одгледува овошни дрвја и како да гради поубави куќи да живеење. И поголем број топоними (камења, стапалки, дрвја и сл.) во охридскиот крај се поврзани со неговото име.

Свети Климент Охридски е заштитник на градот Охрид и целиот охридски крај. Преданијата раскажуваат дека секогаш кога над градот и околината ќе се надвиснела некоја несреќа се јавувал духот на светецот и го спасувал градот од разурнување, а народот од страдање.
Во преданијата свети Климент најчесто се среќава со свети Наум Охридски, со кого најчесто се претставени како браќа. Некои истражувачи сметаат дека тоа се однесува на браќа во духовна смисла - собраќа, но повеќемина се склони да тврдат дека свети Климент и свети Наум навистина биле родени браќа. Не само затоа што свети Климент бил епископ, а свети Наум презвитер, а во православната црква епископ и презвитер никогаш не се нарекувале браќа, туку и поради некои други показатели.

Се претпоставува дека св. Климент е роден околу 830/840 година. Починал на 27 јули според стариот (односно на 9 август според новиот) календар во Охрид. Бил погребан во гробот што самиот си го подготвил во црквата „Св. Пантелејмон“. Уште за време на животот св. Климент својот именден го празнувал на денот кога Светата христијанска црква го празнувала споменот на Светиот свештеномаченик Климент папа Римски односно на 25 ноември според стариот( или 8 декември според новиот) календар. Поради тоа подоцна Светата црква главниот празник поврзан со неговото име го поместила на денот на неговиот именден, а на денот на неговото упокоение (27 јули/9 август) се празнува споменот на Светите Седмочисленици (светите Кирил и Методиј, Климент, Наум, Ангелариј, Сава и Горазд), како и споменот на светиот великомаченик Пантелејмон.

Тропар

Свети Климент Охридски

Со зборови си ги упатил народите во верата Божја; со делата си се издигнал, преблажене, кон божествен и блажен живот. Со чудеса си ги просветил оние што пристапуваат верно кон Тебе, преславно осветлувајќи ја темнината со знаменија. Поради тоа го славиме Твојот божествен спомен, Клименте.

Народно предание за Свети Климента 

Во г. Охрид има изобилни и од секаков вид овошја, какви не секаде се наоѓаат. Кажуваат дека свети Климент не само луѓето од охридскиот крај ги просветил преку христијанската вера, туку дека и самите плодородни дрвја ги оплеменил, кога од Азија пренесол во градот питоми овошја, садници, та ги облагородил дивите до тогаш месни овошни дрвја. Од записите на Кузман Шапкарев