Македонија
9. October 2017 - 11:21

Сугарески се сретна со претставници од авиокомпанијата ОнурЕр

 

Можностите и условите за воспоставување нова авиолинија на релација Охрид – Истанбул беа тема на разговор на денешната работна средба во Скопје меѓу министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и претставници од авиокомпанијата ОнурЕр. 

Министерот Сугарески, информираат од Министерството за транспорт и врски, ги презентираше условите што ги нуди Република Македонија на авиокомпании кои се заинтересирани да оперираат од двата аеродроми.

Тој потенцираше дека развојот на авиосообраќајот е приоритет на Владата на Република Македонија и во таа насока политиките на Министерството за транспорт и врски ќе се движат кон обезбедување на широка мрежа на дестинации во Европа и светот.

- Имав плодна средба со претставниците на авио-компанијата ОнурЕр. Тие ги образложија плановите за ширење на нивната мрежа и во Република Македонија преку воспоставување на нови линии. Ние како Влада имаме обврска да се залагаме за развој на авиосообраќајот и во таа насока ќе дадеме поддршка на секоја авиокомпанија што сака да оперира во Република Макједонија, изјави министерот Сугарески.

На средбата се отвори и прашањето за заголемување на капацитетите на искористеност на аеродромот Св Апостол Павле во Охрид..

- Во таа насока, Владата на Република Македонија воспоставува политики за развој на ависообраќајот и обезбедување на подобри услови за граѓаните и сите други чинители во воздухопловната дејност во Република Македонија, истакна Сугарески.