Сугарески – Баздникин: Се разгледува можноста за зголемување на квотите за транспортни дозволи
Капиталните проекти што во моментов се реализираат во Република Северна Македонија, како и планираните инвестиции во изградба на инфраструктурата во државата што ќе се реализираат во периодот што следува беа теми на средбата на министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин.
-Оваа средба беше одлична можност да го запознаам амбасадорот со крупните капитални проекти што ги реализираме во нашата држава. Посебен фокус ставивме на изградбата и модернизацијата на патната мрежа на Коридор 8 и 10, процесот на гасификација на државата, како и железничкото поврзување кон Бугарија. Изградбата на железницата долж Коридорот 8 кон соседна Бугарија е од особено значење за зголемување на економската соработка со Русија, затоа што тоа овозможува железничка поврзаност и со оваа земја, изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Во текот на средбата, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, исто така станало збор и за можноста за зголемување на квотите за транспортни дозволи, како и за можноста за воспоставување директна авиолинија помеѓу нашата земја и Руската Федерација.
-За потребите на македонските превозници, нашата држава е заинтересирана за зголемување на квотата на дозволи за билатерален и транзитен превоз на стока, како и на дозволите за и од трета земја, со што би се интензивирала економската соработка, истакна министерот Сугарески.
Тој нагласи дека нашата држава се наоѓа во силен инвестициски циклус што ќе продолжи и во текот на следната година и ги покани руските заинтересирани компании да се пријават на јавните повици.
На средбата министерот се заблагодари за досегашната соработка со Руската Федерација и ја нагласи потребата од одржување и продлабочување на долгогодишното пријателство.
Во таа насока, на 14-ти и 15-ти ноември во Охрид, ќе се одржи седница на Македонско-руската комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка, како и Бизнис форум на кои би се разговарало за унапредување на сите видови транспорт и создавање услови за зголемена економска размена меѓу двете земји.
Ново на Сител
-

Иницијатива за ограничување на социјалните мрежи кај малолетници во Македонија
-

Тема на денот со Весна Петрушевска
-

Преглед на вестите од светот
-

Мицкоски: Оваа година избори нема да има
-

Нова акција за нелегални филери и средства за слабеење
-

Фотографии, видеа и извештаи од увидите презентирани на рочиштето за ,,Пулс"
-

Мерки на претпазливост бара Обвинителството за малолетничките кои малтретираа 13 годишно девојче во Ѓорче
-

Сејф Сити во секој град до крајот на годината

