Македонија
17. January 2024 - 19:54

Судски совет ја запре постапката против претседателката на Врховниот суд

Судски совет ја прекина дисциплинската постапка за претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Со тоа таа останува на чело на највисокиот суд.

Седум членови сметаа дека тоа што Адеми не се појави на средба на покана од претходниот претседател и тоа што шест месеци не доѓала на седница на Судскиот совет, не се доволни причини за да ја разрешат. Четворица гласаа за продолжување на дисциплинската постапка.

Сепак, дел од членовите на Судски совет беа гневни на Адеми што наместо во Советот – тврдењата за политички притисоци врз судии од Врховниот суд ги кажала јавно, во медиум.

Адеми е член на Судски совет по функција, но таа нема право на глас.

Таа минатата година во интервју за „САКАМДАКАЖАМ“ обвини дека судиите во Врховен имале политички притисоци, истакнувајќи дека судиите успеале да им „одолеат“ на притисоците.

Неодмана на средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп испрати порака дека политички притисоци врз претседател на Врховен се неприфатливи.