Судењето за оштетното побарување на Камчев во случајот „Рекет“ продолжува на 11 мај
Судењето за предметот за оштетното побарување на Орце Камчев од Бојан Јовановски и Катица Јанева за случајот „Рекет“ продолжува на 11 мај, откако во Основниот граѓански суд – Скопје денеска беа сослушани тужителот и тужените.
Тужената Катица Јанева на денешното рочиште истакна дека во текот на нејзиниот мандат како специјален јавен обвинител „многу трпела влијание од страна на политичките партии“.
– Многу трпев влијание од страна на политичките партии, за сите одлуки. Тие мислеа дека јас, како провинцијалка не го познавам правото, дека ќе им дозволам да влијаат на моите одлуки, но, после четиригодишно согледување на работите ја извртеа целата работа и го конструираат овој небулозен предмет „Рекет“, рече Јанева.
Дополни дека во пресудата за „Рекет“ „не е изведен ниту еден доказ од кој би се утврдило нејзино незаконито постапување“. Јанева истакна дека нејзините дејствија воопшто не се поврзани со паричниот износ кој се побарува.
На денешното рочиште, претходно, Камчев ја повлече тужбата против Зоран Милески-Кичеец, кој, покрај Јовановски и Јанева, беше еден од тужените од кои Камчев претходно бараше да му се исплати штетата.
Тој во својот исказ денеска хронолошки ги образложи случувањата преку кои тој смета дека му е нанесена штетата.
Тужениот Бојан Јовановски, пак, во својот исказ истакна дека целосно го отфрла оштетното побарување.
– Целосно го отфрлам оштетеното побарување од причина што во целост го негирам делото за кое сум правосилно осуден. Пред овој Суд истакнувам, покрај тоа што го негирам делото и покрај правосилната пресуда, дека ќе дојде момент кога ќе се утврди вистинската фактичка состојба, рече Јовановски.
Во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски доби затвор од девет години за делата примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, додека Јанева е осудена на седум години затворска казна за злоупотреба на службената положба и овластување. Според обвинителниот акт, Бојан Јовановски влијаел врз Катица Јанева, за таа да бара поблаги мерки против Јордан Камчев, обвинет во предметот „Империја“, случај кој го почна поранешното Специјално јавно обвинителство.
Судењето за овој предмет продолжува на 11 мај со сослушување на сведоците предложени од тужителот, Ана Камчева, Ратка Куновска Камчева, Кристина Камчева и Мирјана Бошкова.
Ново на Сител
-
Претрес во Кондово, пронајден пиштол, лишено од слобода едно лице
-
Вишиот суд во Нови Сад утре ќе ја објави одлуката за обвинението за падот на настрешницата
-
Студентите на Правниот факултет во Скопје после 15 години го промовираа првото стручно списание
-
Сообраќајка пред влезот на Влае, се судриле три возила
-
Инвеститорот којшто урна ѕид од станбена зграда ќе биде соодветно казнет, велат од Општина Ѓорче Петров
-
Казнета кланица поради непочитување на законски одредби за нештетно отстранување на нус производи по колење
-
Сите основни училишта во државава ќе добијат примерок од македонскиот Правопис
-
МВР: Секторот за компјутерски криминал презема мерки за истраги и справување со „фишинг“ - напади