Македонија
6. December 2021 - 12:23

Струмица ги отстранува картонските тезги од улиците и тротоарите

Институциите одлучија да и стават крај на уличната трговија во Струмица и узурпацијата на јавните сообраќајни и пешачки површини. Долгогодишниот проблем ќе се решава со секојдневни контроли во кои освен полицијата и комуналните инспектори ќе бидат вклучени и претставници од пазарниот инспекторат и агенцијата за храна и ветеринарство. Ваквиот заклучок го донесе  локалниот совет за превенција на кој беше  констатирано дека е крајно време импровизираните тезги со овошје , зеленчук и текстил да се вратат во пазарите, а не да бидат на улиците и тротоарите.

Од полицијата најавуваат засилени контроли, но велат нивните надлежности во оваа област се ограничени и затоа бараат поголема координација со останатите институции.

Локалниот совет за превенција очекува поддршка и од пратениците во регионот преку кои ќе иницираат законски измени во соодветните правни акти кои треба да овозможат полесно делување на институциите на терен.