Свет
28. December 2016 - 19:06

Стратфор предвидува крах на ИД во 2017, но и „воскреснување “на Ал Каеда

Американската агенција Стратфор предвидува дека во 2017 година ќе биде разбиена Исламска држава (ИД), но и дека повторно ќе се активира Ал Каеда, дека САД ќе ги заострат односите со Кина а ќе ги поправат со Русија, и дека ќе продолжи разградувањето на Европската унија.

Стареењето на популацијата во развиениот свет, технолошките иновации поради кои згаснуваат работни места, раст на кинеската економија и замена на увозот на таа земја со домашни производи, се само некои од факторите кои драматично и трајно ќе влијаат на глобалната економија и обликувањето на светскиот поредок, не само во 2017, туку и во следните децении, пишува Стратфор.

Во најновата прогноза за светските движења во 2017 година, оваа приватна американска разузнавачка компанија ги оценува како нереални ветувањата на новоизбраниот претседател Доналд Трамп за повлекување на земјата од мултилатералните трговски договори и обврски во странство заради јакнење на конкурентноста на домашната економија, пренесува Танјуг.

„Ревизија на трговските односи со светот на начин како што планира Вашингтон и можеше да се изведе пред неколку децении. Но, тоа не е изводливо во сегашниот глобален поредок кој еволуира, каде е присутен брз технолошки напредок во производството и каде економиите, големи и мали, се цврсто меѓусебно поврзани со глобални доставувачки синџири“, се наведува во Извештајот. 

Тоа значи, како што наведува Стратфор, дека САД нема да можат да спроведат сеопфатни и нагли промени на Северноамериканскиот договор за слободна трговија (НАФТА). Всушност, дури и ако се репрограмира тој трговски договор, земјите од Северна Америка и натаму ќе имаат цврсти трговски односи гледано долгорочно, проценува Стратфор.

Аналитичарите на Стратфор, сепак, сметаат дека САД ќе имаат повеќе простор за селективно наметнување трговски бариери кон Кина, посебно во секторот на металската индустрија и оценуваат дека ризикот од зголемување на трговските конфликти со Пекинг ќе се почувствува надалеку.

„Подготвеноста на Вашингтон да ја доведе до прашање политиката на `Една Кина`, која ја усвои за да извлече трговски отстапки од Кина - ќе дојде на наплата: Пекинг ќе ги повлече своите трговски и безбедносни полуги што неминовно ќе ги вовлече САД во Пацифички Театар“, предупредува Стратфор, алудирајќи на влезот на САД во Втората светска војна со битките на Пацификот.

Според оваа анализа претстојната година ќе биде многу критична за Европа.

„Изборите во носечките столбови на Европската унија, Франција и Германија, како и можни избори во третата по големина економија во еврозоната - Италија, ќе има влијание на нивните меѓусебни односи а ќе го загрози дури и опстанокот на еврозоната“, предвидува Стратфор.

Агенцијата потсетува на своето предвидување кое го изнесува со години за тоа дека ЕУ со тек на време ќе се распадне и наведува дека прашање во 2017 година е само во која мерка претстојните избори во одделни земји ќе ја забрзааат дезинтеграцијата. Без оглед на тоа дали на изборите во 2017 година ќе победат умерените или екстремистичките сили, Стратфор смета дека Европа и натаму ќе се движи кон распаѓање на регионални блокови.

Европските поделби, се наведува во анализата, ќе претставуваат „златна шанса“ за Русите, кои во 2017 година ќе имаат можност да го скршат европското единство кон санкциите и кои ќе имаат повеќе простор за консолидација на влијанието во своите погранични области.

„Администрацијата на Трамп можеби ќе биде склона кон ублажување на санкциите и одредена соработка во Сирија бидејќи се обидува да го ублажи судирот со Москва, но помирувањето ќе наиде на некои ограничувачки фактори“, пишуваат Стратфор, дополнувајќи дека дел од тие фактори се натамошното јакнење на руските одбранбени сили и настојувањето на Вашингтон да ја сопре експанзијата на руското влијание.

Агенцијата прогнозира дека мировен договор во Сирија и натаму нема да биде можен, бидејќи Русија ќе има блиски односи со Техеран, додека американско-иранските односи ќе се влошат.  Иранскиот нуклеарен договор ќе биде „на тест“, бидејќи Иран влегува во изборна година, а и американската администрација која доаѓа има многу потврд пристап кон таа земја, но заедничките интереси ќе ги задржат рамките на тој договор во сила.

„Натпреварувањето меѓу Иран и Турција во меѓувреме ќе ескалира во Северна Сирија и Северен Ирак. Турција ќе се фокусира на воспоставување свои сфери на влијание и сузбивање на курдскиот сепаратизам, додека Иран ќе настојува да ја одбрани својата сфера на влијание“. 

Откако со воени операции ќе биде разбиена Исламска држава во 2017 година, ќе следи зголемен интерес за територија, ресурси и интензивирање на влијанието меѓу локалните и регионалните играчи, пишува Стратфор и прогнозира дека како што ИД ќе ослабува на воен план, така ќе ангажира бунтовници, ќе применува повеќе терористичка тактика и ќе поттикнува мноштво нови напади во странство.

„Исламска држава не е единствената џихадистичка група која предизвикува грижа. Иако ИД е во фокус, Ал Каеда во тишина ги обновува своите редови во подрачја како што се Северна Африка и арапскиот полуостров и таа групација многу веројатно ќе биде поактивна во 2017 година, прогнозира американската агенција Стратфор.