Македонија
26. July 2017 - 10:22

Сторија за храброста и истрајноста на близначките Јагода и Јасмина од Скопје: Количките не ги спречија да го обиколат светот

„Нашиот ум и мислата се единствените ограничувања за нашите можности и способности“, рекол еднаш американскиот филозоф и говорник Орисон Марден.

Тоа важи за секое човечко битие на нашата планета, но малкумина ја разбираат и суштински ја сфаќаат оваа безвременска мисла.

Јасмина и Јагода се сестри близначки од Скопје кои од својата десетта година живеат со мускулна дистрофија. Поради болеста, тие се движат во ортопедски колички. Но, нивното хоби, и заедничка пасија е - патување низ светот.

Тоа е и нивната животна мисија. Најчесто, нивните патувања се поврзани со хуманитарните активности на здружението за лица со попреченост „Мобилноста предизвик“, како и помошта и размената на искуства и знаења со слични такви здруженија низ целиот свет.

Тие почнале да го „обиколуваат“ светот некаде во 20-те години од својот живот и досега имаат прошетано на четири континенти. Освен повеќе европски земји, тие биле и во Северна Америка, Азија и Африка.

- Иако уште како многу мала мечтаев да патувам низ светот, вистинските патувања во мојот живот започнаа малку подоцна. Прв пат летав со авион во 2008 година, на релација од Скопје до Јуџин, Орегон (САД), каде што се одржуваше женскиот Институт за попреченост и лидерство. Летањето, патувањата оттогаш станаа моја страст и заедно со Јасмина, мојата сестра близначка, патувавме на многу места. Некогаш поради проектни активности со здружението „Мобилноста предизвик“, а понекогаш и само туристички… Последниве години повеќе сме насочени кон европските држави.

Вака Јагода Ристеска ја почнува својата приказна, истакнувајќи дека „секое место има своја убавина, своја приказна“…

Ристеска 2 

- Секое патување е обоено со некое свое, препознатливо доживување. Убавината во патувањата за мене е да го доживеам не само местото како архитектура, туку и средби со луѓето, културата таму, приказните кои се раѓаат и остануваат врежани во сеќавањата, додава таа.

Заради своите хуманитарни активности, во 2012 Јагода и Јасмина престојувале два месеца во Кејптаун, главниот град на Јужноафриканската Република и во местото Масипхумелеле. Јасмина волонтирала во дневен центар за деца со попреченост, а Јагода во прифатилиште за бездомни кучиња.

- Кејптаун е место кое се одликува со најразлична култура и природна убавина. Тоа што ми остави најсилен впечаток е природната убавина, боите на Јужна Африка, океаните, односно точката каде Атлантскиот и Индискиот Океан се спојуваат, песочните плажи, прекрасните зајдисонца и животинскиот свет. За други места во светот е невообичаено да се види пингвин на плажа, бабуни кои се движат околу луѓето или пак жирафа како цица од својата мајка, нешта коишто го прават доживувањето на ЈАР магично. Интересен е и контрастот меѓу сиромаштијата и луксузот на богатите во Кејптаун. На растојание од неколку стотина метри ќе видите преградени, трошни куќарки, а во нивна близина ќе посведочите и за вили со луксузни базени и градини, раскажува Јагода.

Ристеска 3

- Во Кејптаун заминавме за да видиме какви се условите за лицата со попреченост во ЈАР, а и за да одржиме средба со жени со попреченост. На неа споделивме информации за проектите кои ги работиме во Македонија. Ги запознавме учесничките со тоа какви се условите за живот на лицата со попреченост во Македонија, но исто така споделивме информации за можностите да аплицираат за грантови кон различни фондови кои можат да ги подржат проектите иницирани од нивната заедница, додава таа.

Како лица кои се движат со ортопедски колички, тие пред секое патување истражуваат каква е пристапноста на тоа место за нив. Така, тие знаат колку е корисно, но и неопходно споделувањето искуства од патувањата за лицата во ортопедска количка. За таа цел, тие решиле да креираат и своја интернет страница, каде што податоците првично се прикажани на англиски јазик.

- Знаејќи колку е важно за едно лице со попреченост да има информација однапред, одлучивме да го креираме веб-сајтот „Traveler with Disability“ (Патник со попреченост), за да споделиме информации за оние места кои ние веќе сме ги посетиле. На самата веб-страница може да се најдат корисни информации за конкретни места и каква е нивната пристапност во јавниот транспорт, сместувањето, места од културата. Идејата за една ваква веб-страница дојде токму од тоа да им се помогне на тие кои истражуваат на интернет за да се подготват за патување, да имаат извор на информации кои ќе им послужат. Знаете, многупати на интернет се наоѓаат информации од самите хотели или даватели на услуги кои велат дека се пристапни, но сепак кога едно лице со попреченост ќе дојде на тоа место се соочува со бариери. Веб-сајтот дава конкретни информации од лично искуство, повеќе давајќи опис отколку само заклучок дали е пристапно или не, бидејќи тоа што за некого значи пристапно, за некое друго лице може да не функционира. Од таа причина, правиме видео записи и слики кои говорат многу повеќе каква е ситуацијата на терен, нагласува Јагода.

„Ние сакаме да патуваме! И, патуваме! Често е тешко да се најдат информации коишто се однесуваат на достапноста за лицата со попреченост, а ние кои користиме ортопедски колички, треба да ја имаме информацијата и предвреме. Благодарејќи на сите оние кои на интернет ги споделуваат своите искуства, со што ни помогнаа на нашите патувања, ние одлучивме да ја креираме оваа интернет страница, со цел да им помогнеме и на други лица кои користат колички, да добијат полезна информација за патувањата“, стои на почетната страница на нивниот сајт.

Ристеска 4

Пред две години, Јасмина заминала на постдипломски студии во Англија, каде што и го запознала својот, сега веќе - сопруг. Така што, овој период Јагода најчесто патува сама. Тоа се обично патувања поврзани со обуки на тема психологија и семинари за личен развој.

- Мојата следна дестинација е исто така Англија, каде што заминувам на постдипломски студии по бизнис психологија. Како и да е, има уште многу дестинации коишто сакам да ги посетам. Најчесто секое од местата сум ги посетила барем два пати. Сакам повторно да го доживеам Њујорк, патување кое би го поврзала со посета на Големиот Кањон во Аризона и можеби со некои точки на Јужна Америка. Потоа може да се насочам и кон азиските држави, вели Јагода задоволно и со насмевка.

Јагода исто така е и писателка. Годинава таа го издаде својот прв роман со наслов „Благодарам што постоиш“.

- „Благодарам што постоиш” е мое прво објавено дело. Последниве неколку години во мене тлееше желбата да напишам книга во која ќе ги споделам сознанијата коишто дојдоа во мојот живот, преку различни духовни учења, психолошки методи и техники за личен развој. Знаејќи ја моќта што ја имаат овие учења и какво влијание извршија врз мене за да ми го променат животот кон многу подобро, да живеам со многу повеќе слобода и љубов, имав навистина голема желба сето тоа знаење да биде споделено, иако не знаев во која форма ќе се случи, дали како роман или книга за самопомош, вели таа.

- Во периодот кога ја започнав книгата, во декември 2016 година, јас всушност немав намера да пишувам книга. Едно утро се разбудив и низ моите мисли течеше текстот на книгата. Моќни, јасни пораки кои ме внесоа во прекрасен духовен и емотивен свет. Тоа утро јас веќе ја имав рамката, концептот за книгата. Зборовите течеа низ мене како еден вид на внатрешен диктат. Со иста јаснотија пишував скоро два месеци, период во кој книгата беше завршена, се потсетува авторката.

Иако се работи за фикција, во самиот роман има бројни случувања, дијалози кои се всушност автобиографски. Книгата изобилува со низа филозофски и животни сознанија коишто претставуваат лични согледувања на самата авторка.

- Во книгата се опишуваат животните приказни на три ликови, Ела, Бајан и Алекс. Ела е млада жена која по загубата на сопругот се повлекува од животот и се држи за страдањето како единствена нишка која ја поврзува со починатиот сопруг сè до оној момент кога тој ќе почне да комуницира со неа од нефизичкиот свет. Втората приказна е за Бајан, млада жена од Сирија која се доселува во Македонија, пребегнувајќи од војната, но уште повеќе од семејната драма во којашто живее, бидејќи таа е жртва на семејно насилство. Третиот лик е Алекс, психолог којшто живее и работи во Скопје, и има дете со паранормални способности да комуницира со нефизичкиот свет. Сите три приказни се испреплетуваат преку „различни неслучајни” случајности… Приказната зборува за љубовта - како единствен извор на сè и го поканува читателот да погледне на животните искуства од еден поинаков агол. Тоа е филозофија на живеење која и јас самата ја применувам, појаснува Јагода.

Ристеска 5

На прашањето - дали размислува за својата наредна книга, таа одговара:

- Како што кажувам и на самиот почеток на книгата, во делот на благодарност за книгата, јас верувам дека ние како автори сме само канали низ кои тече творечката енергија. Таа се послужува и создава преку нас, тогаш кога ние сме доволно отворени да ја следиме. Јас сум отворена да се случи уште некое дело.

Не ја исклучува ни можноста тоа да биде автобиографија, можеби „двојна“, заедничка, напишана со нејзината сестра близначка…

- Можно е и тоа да се случи. Со Јасмина сме навистина многу блиски и иако сме на некој начин различни, и двете имаме интерес кон духовните и психолошките моменти низ коишто една индивидуа минува во својот развој. Така што, би можело да се роди идеја за едно заедничко дело кое зборува во таа насока, вели Јагода.

Засега, може само да претпоставиме дека едно вакво пишано дело ќе ги натера луѓето со и без попреченост, да сфатат дека лимитот, границата и „синџирите“ најчесто не се во небото, туку во умот.

Слободан Иванов/МИА