ИЈЗ: Четворица вработени на ЗОО под надзор, еден ќе се тестира за птичји грип
Институтот за јавно здравје ќе тестира еден вработен од Зоолошката во Скопје за птичји грип. На крајот од минатата недела кога веќе било потврдено присуството на вирусот во зоолошка, лицето при направената епидемиолошка анкета кажало дека има симптоми карактеристични за птичјиот грип.
Институтот добил листа од 16-мина вработени и кај сите веќе била завршена епидемиолошката анкета за нивните контакти со птиците и можни симптоми. Освен лицето кое ќе се тестира, други тројца добиле решение за надзор. Тие во следниот период секојдневно ќе треба да ги информираат лекарите за својата здравствена состојба.
Зоолошката пак, од вчера е во тринеделен карантин. Агенциајта за храна и ветеринарство на влезот од објектот истакна табла со знак за опасна болест кај животните. Во меѓувреме, велат дека зоолошката постапувала незаконски откако во понеделникот ја пронашле угинатата гуска. Наместо да информираат кај надлежен ветеринар, еден ден подоцна сами ја однеле птицата за проверка. Зоолошката не ја алармирала ниту Агенциајта за храна и ветеринарство, откако бил потврден вирусот.
Од Агенцијата во своето писмено соопштение објаснуваат дека за да влезат во Зоолошката во текот на вчерашниот ден побарале асистенција од полицијата.
„ЗОО Скопје иако детектирало угинато животно на ден 14.10.2024 год, не постапила по законски процедури каде што се должни секој сомнеж на заразна болест задолжително да го пријават до надлежниот официјален ветеринар, Прекршувајки ги законските обврски, самостојно доставиле примерок до Факултетот за ветеринарна медицина кој е примен на обработка на 15.10.2024 год. На ден 18.10.2024 год за жал на сите нас е добиен наод со кој е потврден случај на присуство на птичји грип, сој H5N1 кај гуска. И покрај ваквата информација, повторно ЗОО Скопје не почитувајќи ги законските прописи не ја извести АХВ на законски пропишаниот начин, односно секое присуство или сомнеж на авијарна инфлуенца се пријавува веднаш, во што е можно пократок рок до АХВ“
Од Агенцијата во своето писмено соопштение објаснуваат дека за да влезат во Зоолошката во барале асистенција од МВР. Лице кое се претставило дека е вработен во градската администрација ја попречувало работата на ветеринарот, па на помош била повикана полиција.
За случајот бил изготвен и записник. АХВ уверува дека се постапувало законски при собирање на птиците кои имале контакт со гуската кај која беше детектиран птичји грип.
„Сомнежите во јавноста и споделените видеа за начинот на собирање и отстранување на затекнатата живина во одгледувалиштето се во целост со почитување на протоколите за сузбивање и искоренување на авијарна инфлуенца и Законот за благосостојба на животните и меѓународните протоколи, и коментарите по истите не е во ред да бидат коментирани од лица некомпетентни за истото. ЗОО Скопје ни е едно од најпосетените места од најмладите посетители, а децата и нивното здравје е фокус за градење на здраво општество“, велат од АХВ.
Од Институтот за јавно здравје велат дека посетители кои биле во зоолошката изминатата недела не треба да се загрижени. Појаснуваат дека болеста од птица на човек се пренесува само со исклучително близок контакт.
Од АХВ велат дека во следниот период ќе се проверува дали Зоолошката е извор на други вируси и бактерии, а ќе се истражува и угинувањето на животните кое се случи изминатиот период.
-
Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар