Бизнис
8. February 2021 - 15:31

Стопанската комора: Во многу сектори работниот процес не може да се прекине во недела

Ограничувањето на можноста за работа во недела или наметнувањето дополнителни трошоци за компаниите кај кои работењето во недела е дел од редовниот работен процес, ќе влијаат на нивната продуктивност, но и на нивната конкурентност на регионалните, како и на глобалниот пазар. Истовремено може да биде доведена во прашање и атрактивноста на земјава како дестинација за странски инвестиции. Рамнотежата, пак, меѓу приватниот и деловниот живот на работниците треба да се почитува и да се унапредува, но и од аспект на остварувањето на сите останати права од работниот однос, не само преку користењето на недела како ден за одмор, смета Стопанската комора на Македонија.

Комората, како што наведува, е во континуирана комуникација со Владата и Министерството за труд и социјална политика во однос на прашањето за уредувањето на недела како неработен ден. Забелешките и укажувањата од деловниот сектор во повеќе наврати се доставени до надлежното Министерство, но, досега, до Стопанската комора на Македонија се уште не е проследена ревидираната верзија на предложените измени. За последните предлози Комората ќе се произнесе по добивањето на текстот и консултациите со компаниите-членки.

-Повторно укажуваме дека во многу сектори природата на дејноста е таква што не дозволува прекинување на работните процеси (индустријата, односно производствениот сектор), потребно е обезбедување на работење на дежурни служби, односно непречено работење на придружни дејности кои се тесно поврзани со работењето на другите сектори (дистрибуција, достава, јавен превоз и превоз за сопствени потреби) или има специфичности што укажуваат на потребата да се дозволи непречено да се организира работниот процес во сите денови од неделата (како што е градешништвото, каде временските услови, роковите, технологијата, спецификите на градежните материјали и спецификите на работните процеси директно влијаат на извршувањето на работите во овој сектор), објаснува Комората.

При тоа, додава, ако се размислува за воведување посебни ограничувања во трговијата, треба да се имаат предвид аспектите како тоа би се одразило на туризмот (примена на ограничувањата за време на туристичката сезона во главните туристички центри) и какви би биле ефектите врз локалната економија во населените места во пограничните региони (Битола, Гевгелија или Скопје, каде граѓани од соседни држави/потрошувачи патуваат за време на викенд во трговски и угостителски локали во Македонија), односно да се проценат можните загуби од директните приливи кои овие лица ги оставаат во локалната економија – можност за загуба на „увоз на девизи“, како и ефектите од потенцијалните ограничувања кои може да одразат на патување на наши државјани/потрошувачи во соседни држави во недела, заради посета на трговски или угостителски локали (кои работат во недела) – можност за „извоз на девизи“.

Според Стопанската комора, генералните констатации на компаниите се дека и важечкото решение во членот 134 од Законот за работните односи (ЗРО), соодветно го уредува наведеното прашање.

-Уредувањето на уставно загарантираното право на работниците да користат ден за неделен одмор треба да се гледа во контекст и на слободата на работодавачите да го уредат распоредот на работното време согласно член 125 став 1 од ЗРО, со цел да ја оптимизираат конкурентноста и продуктивноста на деловниот субјект. Деловните субјекти ги поддржуваат заложбите за зачувување на семејниот живот на вработените, бидејќи само задоволен работник може да биде продуктивен и успешен во неговата работа, но укажуваат дека рамнотежата меѓу приватниот и деловниот живот на работниците треба да се почитува и да се унапредува и во однос на остварувањето на сите останати права од работниот однос, а не само преку користењето на неделата како ден за неделен одмор, наведува Стопанската комора.