Свет
9. November 2016 - 10:37

Столтенберг со честитка до Трамп: Американското лидерство е најважно како и секогаш

Му честитам на Доналд Трамп за неговиот избор за нов претседател на САД и со нетрпение очекувам да соработувам со него, порача утринава генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Столтенберг во неговата честитка до Трамп посочи дека светот во моментов се соочува со нови безбедносни предизвици, вклучувајќи хибридна војна, сајбер-напади и закани од тероризам.

- Американското лидерство е најважно, како и секогаш. Нашата Алијанса ги собира на едно место најблиските пријатели на САД во време на мир и конфликт за речиси 70 години. Силен НАТО е добро за САД, и добро за Европа - порача Столтенберг.

Генералниот секретар на Алијансата, исто така посочи дека „НАТО реагира со одлучност на новата безбедносна ситуација“ и дека претстои уште многу работа, па затоа норвешкиот дипломат додаде дека „ со нетрпение очекува скорешна средба со Трамп“ и да му посака добредојде во Брисел на самитот на НАТО што е закажан за следната година.

Реакцијата на Јенс Столтенберг е втора што доаѓа од Брисел, откако претходно Европската унија покажа дека со не многу големо воодушевување ја примила денешната вест дека републиканскиот кандидат Доналд Трамп е избран за нов претседател на Соединетите американски држави. Претседателот на Европскиот парламент, Мартин Шулц, излезе со јавен коментар по поразот кој Трамп и го нанесе на демократскиот кандидат Хилари Клинтон, а која беше фаворит на овие избори во САД, па челникот на Европарламентот порача дека „Трамп треба со веродостојни политики и предлози да го реши стравот и вознемиреноста кај милиони Американци“.