Македонија
29. јуни 2016 - 12:31

Стипендии за двајца основци и матурант во Делчево

Општина Делчево додели три стипендии на ученици-првенци на генерацијата од двете основни училишта и средношколскиот училишен центар. Стипендиите се во висина од две илјади денари, а ќе се исплаќаат месечно во текот на учебната 2016-2017 година.

- Општина Делчево веќе шест години ја спроведува оваа мерка стипендирање на најдобрите ученици, односно учениците кои се прогласени за првенци на генерациите од образовните институции во градот. Стипендиите се обезбедени од Буџетот на општината, а се исплаќаат месечно, рече Снежана Трајкова од Општина Делчево.

Целта на оваа мерка, како што рече таа, е да се поттикнат учениците да постигнуваат поголеми резултати, но и да се мотивираат своето образование да го градат во училиштата во Делчево.

- Со години по ред сме сведоци дека наши добри ученици средното образование го продолжуваат во училишта во другите градови, рече Трајкова.

Делчево повеќе од 10 години доделува стипендии и на одлични ученици кои постигнуваат забележителни резултати, додека за најдобрите 10 матуранти организира наградно патување низ европските земји. Годинава матурантите ќе ги посетат Италија и Франција.