Македонија
8. јуни 2021 - 21:06

Стевановиќ: Вакцинацијата против Ковид-19 мора да се случи независно од прележаната болест

 Директорката на Клиниката за Инфективни болести и фибрилни состојби Милена Стевановиќ вечерва нагласи дека вакцинацијата е секогаш главниот спас од која било инфекција, посочувајќи дека лицата треба да се вакцинираат независно од тоа дали прележале Ковид-19 и каква била клиничката слика во текот на боледувањето.

– Вакцинацијата мора да се случи независно од прележаната болест како и независно од тежината на прележаната болест. Колкаво ќе биде времето до вакцинација? Колегите во медицинските научни истражувања велат дека треба комплетно да бидат повлечени сите клинички симптоми од болеста, тоа е најмалку еден месец после заздравувањето. Секако дека овие пациенти ќе имаат имунитет најмалку шест месеци. Ние ги гледаме најкратките возможни рокови, повторно со предострожност да ги заштитиме пациентите, рече Стевановиќ во вечерашното гостување на вестите на Сител ТВ.

Таа истакна дека она што е најзначајно е лицата кои прележале да бидат вакцинирани и при тоа сите тие информации врзани со вакциналниот процес, со вакцините, било која од вакцините кои ни се расположливи во државата, да ги слушаат од белите мантили и нивните сугестии.

– Сите социјални мрежи не се извор на медицински професионални информации. Навистина апелирам да се следат упатствата издадени на вакциналните пунктови, како и од Министерството за здравство. Повторно со цел тоа биде комплетно и соодветно вакцинирање, а не базирано на непроверени извори, во смисла на која вакцина, колку дози, дали некој треба или не треба, дали е паметно или не е паметно. Во овие ситуации во пандемиски размери на проширена инфекција навистина нема тука многу дилеми, освен еден и единствен извор на информации кој треба сериозно да се следи, потенцираше Стевановиќ.

Таа потсети дека ниту една вакцина не може да покрие стопроцентна заштита од одредена инфекција и равој на болест, но она што може да го направи е да го заштити човекот од исклучително тешки клинички слики и најнепосакувани исходи од болеста, смртните исходи.

– Вакцинацијата е секогаш главниот спас од која било инфекција Ние денеска сведочиме во ова време на комплетно искоренување на на одредени болести, така и за Ковид-19. Вакцинацијата е таа од која очекуваме највеќе, заклучи Стевановиќ.