Стејтдепартментот со реформи во Западен Балкан ќе помага за помало руско влијание
САД треба итно да работат и да помогнат на државите од Западен Балкан за да ги постигнат своите аспирации во евроинтеграциите и членството во евроатланските институции. Ова е ставот на Стејтдепартментот за Гласот на Америка на македонски по повод изјавата на украинскиот претседател Зеленски дека Русија, по Украина, потенцијално може да предизвика нови кризи на Блаканот.
„Посветени сме да работиме со земјите од Западен Балкан, нашите европски партнери и меѓународната заедница, за унапредување на реформите во управувањето, владеење на правото, изборните и антикорупциските реформи, кои ќе ја намалат можноста за малигно руско влијание и ќе донесат траен мир, стабилност и просперитет на регионот“ се вели во изјавата на Стејт департментот.
На реформи во овие области во Македонија неодмана повикаа и бриселските авторитети преку Извештајот за напредокот на државата во евроинтеграциите.
Сепак, Македонија на декемврискиот самит не може да очекува Унијата да ги отвори преговорите по поглавјата бидејќи не ја исполни обврската за уставни измени. Маричиќ одговорноста за тоа ја гледа единствено кај опозициската ВМРО-ДПМНЕ која се изјасни против овие измени.
„Бидејќи во моментот нема изгледи тоа да се случи, треба да очекуваме застанување. Но ние не се откажуваме од тоа. Не се откажуваме до последниот ден на мандатот на овој собраниски состав да разговараме и да ги убедуваме колегите од ВМРО-ДПМНЕ да не ја блокираат сопствената држава, да не влезат во еден вртлог, во еден тунел во кој веќе еднаш не имаат внесено 2008 година и да соберат сила заедно да го направиме овој потег. Одговорноста ќе биде заедничка, но и поените, да докажат на дело дека навистина се за Европска Унија“.
Но, и покрај тоа вицепремиерот очекува некаква позитивна порака за државата од состанокот, слично како што тоа го најави и шефот на дипломатијата Османи.
Од опозицијата велат Маричиќ е министерот кој го има најлошиот извшетај на ЕУ досега.
„Дополнително европската агенда е блокирана пред се поради неспособноста и криминалот на владата, и поради обидот да се наметне бугарски диктат кој го подржува владата на Ковачевски. Со Маричиќ, СДС и ДУИ, ЕУ е само далечна желба наместо реалност на која треба да работиме.“, коментираат од ВМРО-ДПМНЕ
Претседателот Пендаровски викендов отворено кажа дека не очекува ништо од декемврискиот самит бидејќи не сме го исполниле условот од преговарачката рамка.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар
