Македонија
26. February 2026 - 16:42

Од кандидат за градоначалник до поранешен судија: Пет имиња во трка за член на Судскиот совет

Кандидат за градоначалник, двајца поранешни судии, екс член на обвинителскиот совет се меѓу петтемина кандидати за член на Судскиот совет. Четворица се од Гостивар, еден од Тетово. Сите заедно денеска на јавна расправа во Собранието ги презентираа своите планови за работа. Прв се претстави Себаедин Даути, нотар и поранешен судија, но и кандидат за градоначалник на Гостивар на последните избори, предложен од ВЛЕН. Рече никогаш не бил партиски член а бил во добри односи со сите партии.

Со пријатели во сите партии се пофали и Фадил Џелили кој беше владинин повереник во Гостивар по ланските неуспешни локални избори. Шест години работел како судија во Гостивар, но се соочил со дисциплинска постапка од телото на кое сега сака да му се придружи, па одлучил сам да ја напушти судиската фунција. 

„Вие не ме знаете ама сум бил непопустлив и не дозволив тие да постапат, туку отидов во Судски совет и машки си поднесов оставка оти мислев дека во мојата професија нема дамка и не може со мене некој да си поигра“

Независноста на судството и пофални зборови за новиот закон за Судски совет беа централна тема за сите кандидати. Ветија дека ќе работат за подобрување на ниската доверба, ама повикаа и пратениците да гласаат по сопствено убедување.

„Не можам да кажам дека таа доверба од 2 посто ќе биде 100 посто, но барем да ја поминеме половината, барем половина од граѓаните да веруваат “, изјави Сејфула Османи.

„Тука треба и пратениците кои треба да го даваат својот глас за тој кандидат кој покажал повеќе и со каков багаж се претствува пред оваа комисија и не треба да бидат заложници на напатствијата, односно на начинот што нивните политички партии им наредуваат да гласаат за одредени кандидати кои се пријавуваат во овој оглас!“, Феузи Џафери.

Амбиции за испразнетото место во Судски совет, има и поранешен член на Советот на јавни обвинители. Исаку рече ќе се залагал за објективност и аргументирани одлуки при унапредување на судиите.

Ова е втор обид на Собранието да избере член за Судски. Претходно беше предложен полициски инспектор од Тетово, но во меѓувреме беше донесен новиот закон за Судскиот совет со построги критериуми, па огласот беше повторен.