Македонија
2. November 2017 - 20:39

Стефан Марковски добитник на награда на меѓународен поетски фестивал во Хрватска

Писателот Стефан Марковски  за збирката раскази „Смртта долетува насмевната“ е добитник на наградата „Книжевно перо“ за книга на годината вон изданијата на Хрватското книжевно друштво.

Наградата ќе му биде врачена на овогодинешното 10. јубилејно издание на тридневниот поетски фестивал на Хрватското книжевно друштво „Денови на пријателите на книгата“ во Риека, што ќе се оддржи од 9 до 12 ноември, годинава, а на кој тој е единствениот македонски претставник. 

Според фестивалската програма, на првиот ден (9.11) во 18:00 во просториите на Македонското културно друштво „Илинден“ е предвидена промоција на двете последнообјавени дела на младиот македонски автор пред хрватската публика - поетската збирка „Сиво сјаат вселените“ и збирката раскази „Смртта долетува насмевната“.

Обете книги на Марковски се неодамна наградени - поетската со наградата „Бели мугри“ за најдобар необјавен поетски ракопис за 2016, додека, збирката раскази со наградата „Крсте Чачански“ (2017). 

Стефан Марковски (26) е автор на 10 објавени прозни, поетски и есеистички дела, како и неколку сценарија, и е актуелен уредник на првото македонско списание за литература „Современост“.

Фестивалот „Денови на пријателите на книгата“ се оддржува од 2007 година во организација на Хрватското книжевно друштво (ХКД) од Риека.

Покрај промоцијата на двете дела, предвиден е и поетски настап на Марковски со поезијата застапена во новиот број на „Книжевно перо“, книжевното списание во издание на ХКД.