Македонија
18. April 2021 - 16:33

Старото занаетчиско училиште во Битола ставено под привремена заштита

Старото занаетчиско училиште во Битола т.н. Ислахане, градба која датира од 1902 година и е во руинирана состојба, битолскиот музеј ќе го стави во списокот на објекти под привремена заштита, рече денеска во Битола, министерката за култура на Меѓународниот ден на спомениците и локалитетите. Oбјектот е во приватна сопственост и се продава, но прашањето на сопственост на објектот не влијае врз режимот на заштита, вели министерката.

-Имаме обврска и кон претците и кон идните генерации. Затоа, онаму каде што пишува „објектот се продава“, нека се допише - објектот е заштитен. Не е важно во чија сопственост е, дали е во приватна или државна. Објектот мора да е заштитен согласно сите правила и принципи за заштита на едно културно добро, изјави Ирена Стефоска, министер за култура.

-Од страна на стручните лица во Завод и Музеј Битола, а во соработка со Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство, веќе е започнат процесот за негово ставање под привремена заштита до моментот на негова конечна реализација и ревалоризација која ќе го дефинира заштитниот статис на овој објект, изјави Мери Стојанова, директор на Завод и Музеј Битола.

Инаку битолското и солунското ислахане се последните два сочувани објекта на Балканот од изградените вкупно седум.