Балкан
9. February 2016 - 15:58

Стапува во сила нов режим на превоз и сместување на мигрантите низ Балканот

Австрискиот министер за надворешни работи Себастијан Курц денеска најави дека неговата земја значително ќе го намали приемот на бегалци во однос на минатата година, а Хрватска соопшти дека во земјите од регионот стапува во сила  новиот режим на превоз и сместување на мигрантите, јави Танјуг.

Курц во Белград изјави дека Австрија е свесна дека нејзиното ограничување на приемот на мигранти може да има последици за земјите долж балканската мигрантска  маршрута.

Деталите за „новиот мигрантски режим“ засега не се познати, а јасно е дека  станува збор за парцијални решенија, во одсуство на „сеопфатно европско решение “, кое се уште од лани, од првиот бран бегалци од Сирија и уште некои земји, постои само како термин.

Австрискиот министер потсети дека неговата земја минатата година примила 90.000 баратели на азил.

- Оваа година не можеме да примиме толкав број и затоа нашата Влада го ограничи прифатот на бегалци, рече Курц и додаде дека оваа бројка ќе изнесува околу 37.000.

- Свесни сме дека оваа одлука може да има последици за земјите долж балканската маршрута. Затоа вчера во БиХ, а и денеска во Србија, важно ми е да ги информирам владите дека е можно да дојде до промена на ситуацијата, но и дека сме подготвени да ги поддржиме владите со цел да се намали бранот бегалци, подвлече Курц.

Според него, мораат да се преземат национални мерки, бидејќи сите земји се принудени на тоа.

Од Загреб речиси истовремено пристигна веста дека се затвора бегалскиот камп во Славонски Брод.

Новиот министер за внатрешни работи Влахо Орепиќ тврди дека во сила стапува новиот режим на превоз, прифат и информирање на бегалците низ земјите од регионот, а врз основа на договорот на владите на државите во него. 

Истата судбина ќе ги најде и камповите во Србија и Словенија, тврди Орепиќ.

Тој наведува дека бегалците во иднина ниту момент нема да се задржуваат на територијата на Хрватска, туку дека со возови ќе бидат превезени до нивните крајни адреси.

Ваквиот начин на превоз е договорен меѓу владите на Србија, Македонија, Словенија, Австрија и Хрватска, изјави хрватскиот министер.