Македонија
2. September 2017 - 17:57

Стаменковска: Правна помош од ВМРО-ДПМНЕ за незаконски разрешени лица

Комисијата за правни работи на ВМРО ДПМНЕ ќе дава правна помош и заштита на лицата што, како што рече денеска на прес-конференција Невенка Стаменковска, се жртви на незаконското разрешување и самоволие на СДСМ. Во периодот што следи, Комисијата за правни работи на ВМРО ДПМНЕ, ќе ја информира јавноста за сите случаи за незаконско постапување од страна на новата власт.

- ВМРО-ДПМНЕ нема да биде нем и пасивен сведок на овие незаконски разрешувања на лицата што професионално одговорно, чесно и посветено ја извршувале својата работна должност, туку напротив, активно ќе ги следиме овие постапки за што веќе во рамките на Комисијата формиравме и посебна работна група која ќе дава правна помош и заштита на лицата што се жртви на незаконското разрешување и самоволие на СДС, истакна Стаменковска.

За ВМРО- ДПМНЕ, Владата на СДСМ спроведува чистка во институциите со, како што велат од оваа партија, флагрантно прекршување и непочитување на ниеден Закон.

Стаменковска тврди дека претходно именуваните раководители на институции, наместо да бидат распоредени на истото место на кое претходно работеле, како што налагаат и одредбите од Законот, добиваат распоредување со што се деградираат на неколку места пониско.

 - Најголениот број на овие разрешувања и именувања се случуваат во време на распишани избори каде дополнително не се почитува член 8а од Изборниот законик, рече Стаменковска.