Македонија
14. December 2016 - 17:34

ССК: Роберт Хот со нов мандат во Градежната комора на Македонија

Повеќе од 450 компании-членки на Градежната комора на Македонија при Сојуз на стопански комори на Македонија (ССК) на годишното Собрание едногласно му доделија нов мандат на Роберт Хот. 

- Градежништвото и натаму е еден од моторите на економскиот раст. Новите проекти за изградба на делници од брзи патишта заедно со планот и натаму да се градат локални патишта очекуваме да придонесуваат за натамошен раст. Капиталните проекти се повеќегодишни и за нив е обезбедена финансиска конструкција, што влева сигурност, изјави Хот. 

Според него, дополнителен придонес на зголемување на капацитетите на градежниот сектор имаат и проектите „Купи куќа, купи стан“ и „Купи куќа за млади“.

- И натаму ќе работиме на зачувување на економската стабилност на градежните компании, продолжуваме со лобирање кај соодветните институции и активно учество во донесување и измени на законските регулативи. Верувам дека и во следниот период заедно ќе градиме успеси, истакна Хот.

Градежната комора на Македонија веќе има дадено предлози за спроведување мерки за обуки за доквалификација на работниците во градежништвото, воведување контрола на градежните компании при тендерирање, намалување на процентот предвиден во градбата на станови за лица со посебни потреби, како и предлог за формирање агенција за контрола на потеклото и квалитетот на материјалите и на градбите.

Минатата година, Советот на претседатели на стопанските комори како резултат на активностите, заложбите и иницијативите на Градежната комора во одредени законски измени кои придонесоа за стабилност на градежниот сектор и позитивно се одрзија и во други економски гранки, ја прогласи Градежната комора за комора за 2015 година.