Македонија
22. December 2015 - 13:52

ССК и Инспекцискиот совет заедно ќе ја спречуваат сивата економија

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Инспекцискиот совет на Република Македонија заеднички ќе се борат за намалување на сивата економија. Тоа го овозможува денеска потпишаниот Меморандум за соработка чија цел е зголемено заедничко делување во насока на намалување на нелојалната конкуренција.

Меморандумот, кој претставува основа за зголемување на соработката за потребите на членовите на ССК, како и во областа на промоција, имплементација и унапредување на инспекцискиот надзор во Република Македонија го потпишаа претседателот на Сојузот, Данела Арсовска и претседателот на Инспекцискиот совет, Иринка Ќосева.

- Преку нов проект на контрола на инспекциските служби кај нерегистираните субјекти заеднички ќе работиме кон намалување на нелојалната конкуренција, која е детектирана како еден од најголемите проблеми кои ги има домашното стопанство и е една од причините што економскиот раст е во делумна стагнација во изминатите неколку години. Свесни сме дека треба да почнеме и со примената и имплементацијата на Законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност што е донесен минатата година и кој ќе биде чекор кон поголем економски раст на земјава, рече Арсовска по потпишувањето на меморандумот.

Таа потенцира дека не смееме да се дозволи регистрираните компании, трговци поединци и занаетчии, кои ги почитуваат законите, ги плаќаат даноците, ги исполнуваат стандардите, прописно ги пријавуваат и плаќаат работниците, да трпат штета од нерегистрираните субјекти, кои се дел од сивата економија.

- Од големо значење е и новината што ќе се спроведува од 2016 година, на барање на членовите на Управниот одбор на ССК, која се однесува на почеток на проект на Инспекцискиот совет со кој ќе се изготвуваат чек листи за детално информирање на компаниите по сектори за потребната документација, прописи и услови што треба да ги исполнуваат за водење бизнис, како би се избегнале пропустите од недоволна информираност, потенцира Арсовска.

Многу е важно, нагласи, компаниите кои работат согласно правилата и законите да не бидат под определен стрес од инспекциските служби поради  неинформираност и незнаење. 

Претседателката на Инспекцискиот совет Ќосева посочи дека потпишувањето на меморандумот е во насока на обезбедување на доброволна усогласеност на субјектите со законската регуатива.

- Во последниот период вршевме компаративни анализи со најдобрите меѓународни практики за спроведување на инспекциски надзор. Од анализите дојдовме до сознание дека инспекцискиот надзор кој има репресивна улога не ги дава истите позитивни резултати како надзорите во кои главната цел е да се обезбеди доброволна усогласеност со законската регултива од страна на субјектите во кои се врши надзорот. Токму во насока да ја обезбедиме доброволната усогласеност е и потпишувањето на овој меморандум, рече Ќосева.

Најави дека во иднина заедно со ССК ќе детектираат каде се проблемите и кои се нејасностиите во законската регулатива што на стопанските субјекти им претставуваат најголем проблем.

- Ќе работиме на креирање на чек листи за проверка на сите закони со кои сметаме дека ќе овозможиме да имаме транспарентни и предвидливи инспекциски надзори, рече Ќосева и додаде дека во иднина субјектите на веб-страницата на Инсекцискиот совет ќе можат да ги најдат сите законски  барања со кои треба да се усогласат при нивната работа и самите да направат контрола на своето работење пред да дојде инспекторот.

Инспекцискиот совет врши координирање на работата на инспекциските служби, формирање и раководење со работни тела, подготовка и следење на примената на методологии и процедури за работа на инспекциските служби, разгледување и давање мислење за годишните програми за работа на инспекциските служби, како и многу други активности.