Свет
29. March 2018 - 8:44

Средбата на лидерите на двете Кореи договорена за 27 април

Високи официјални претставници на Северна и Јужна Кореја на преговорите во демилитаризираната зона Панмунџон одржани денеска, се договрија средбата меѓу лидерите на двете земји Ким Џонг-ун и Мун Џе-ин да се одржи на 27 април.

Според јужнокорејски извори, договорено е самитот да се оджри во Панмунџон, 

На средбата меѓу Ким и Мун се очекува да се направи обид за надминување на затегнатоста околу ракетната и нуклеарната програма на Северна Кореја.

Денешниот договор доаѓа по ненадејната посета на севернокорејскиот лидер на Пекинг, каде се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, со цел координација и зајакнување на позициите на двете земји пред планираните средби на Ким со јужнокорејскиот претседател Мун и со претседателот на САД, Доналд Трамп.

Во меѓу време генералниот секретар на владиниот Кабинет, во Токио Јошихиде Суга соопшти дека јапонската Влада води дијалог со Северна Кореја преку различни канали, вклучително и преку Амбасадата во Пекинг, 

Тој сепак не одговори на прашањето дали во моментов се разгледува можноста за одржување средба на врвот меѓу премиерот Шиндзо Абе и севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун.

Весникот „Асахи“ претходно јави дека таква средба може да се одржи во јуни годинава, веднаш по очекуваните состаноци на Ким Џонг-Ун со претседателите на Јужна Кореја и САД - Мун Џинг-ин и Доналд Трамп.

Според весникот, можноста за средба на врвот Јапонија-Северна Кореја била разгледана на неодамнешниот состанок во Пјонгјанг на раководството на Корејската работничка партија.