Македонија
25. September 2018 - 17:56

Средба Заев-Жидан: Граѓаните на Македонија имаат можност да одлучат за нивната иднина

Премиерот Зоран Заев на денешната средба со претседател на словенечкиот Државен збор на Дејан Жидан ги истакна исклучително високите пријателски односи со Словенија, заблагодарувајќи се за континуираната и силна поддршка, која земјата ја дава во значајните периоди за Македонија, која е посветена на членството во евроатлантските структури.

- Денешната посета е силно охрабрување за нас како Влада, но и за граѓаните на Македонија, пред историскиот предизвик со којшто сме соочени, а тоа е спроведување на успешен референдум, што значи давање можност на секој граѓанин да излезе и да гласа, да се слушне неговиот став, рече Заев, оценувајќи дека е потребно единство и вклучување на сите политички лидери во клучните моменти, кога се обезбедува иднината на земјата, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев повтори, дека единствена алтернатива за Македонија е членството во НАТО и во ЕУ и ја истакна посветеноста на Владата за континуитетот во реформите, во приоритетните области, правосудството, разузнавањето, владеењето на правото, борбата против корупцијата и јавната администрација.

Претседателот на словенечкиот Парламент Жидан, како што се наведува во соопштението, на премиерот Заев му изрази поддршка за напорите и остварувањата на одржување пријателски односи со соседите, додавајќи дека му се допаѓа неговиот оптимизам и начинот на решавањето на сите отворени прашања.

Потенцирајќи дека работата на актуелната Влада создава позитивна атмосфера не само во Македонија, туку и во регионот, Жидан порача дека Словенија ја гледа Македонија, веднаш до себе, како идна земја членка на НАТО и ЕУ и додаде дека само со освојување на големите, европски пазари се подобрува стопанството и се постигнува економски развој.

Како што се наведува во соопштението, претседателот на словенечкиот Парламент, порача дека граѓаните на Македонија, непосредно пред одржувањето на референдумот, на 30 септември, се наоѓаат пред историски момент, пред отворена можност да гласаат за својата иднина, за членство во ЕУ и во НАТО, шанса што можеби нема да им се пружи во иднина. Тој потенцираше дека Македонија добива поддршка од претставниците на меѓународната заедница и е многу блиску до остварувањето на стратешките цели, евроатлантска интеграција.

Жидан, на премиерот Заев му понуди искуство и соработка на европскиот пат, за подетално и побрзо решавање на европските регулативи кои Словенија успешно ги поминала.

Двајцата соговорници разговараа и за подобрување на економската и трговската размена, констатирајќи дека постои интерес на двете деловни заедници за подинамична соработка, се наведува во соопштението од владината прес-служба.