Loading Video...
Балкан
26. May 2021 - 21:22

Србите од 1. јули без роаминг во Грција - Ќе важи ли и за македонските државјани?

Српската влада склучи договор со Грција за укинување на роамингот меѓу двете држави. Од 1 јули Србите нема да плаќаат дополнително за интернет и телефонски разговори додека престојуваат во Грција, туку цените ќе останат исти како да се во својата земја.

„Се работи за сложени преговори, иницирани од страна на Владата и регулаторот во Србија, со сите оператори кои работат во двете држави. Намалувањето на цените во роаминг, т.е. укинувањето на роамингот меѓу Грција и Србија ќе стапи во сила исто кога ќе се укине и роамингот за Западен Балкан, од 1 јули”, изјави српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации, Татјана Матиќ.

Таа објаснува дека ваквиот вид договор во ЕУ се нарекува “Роаминг како дома”, а во Западен Балкан тоа е Договор за укинување роаминг, што значи дека роаминг секогаш постои, но цените се намалуваат на ниво на национален сообраќај.

Надлежните во земјава не знаат како Србија успеала да склучи договор со Грција, како членка на ЕУ. Министерот за информатичко општество за Сител вели дека ќе се обиде во наредните денови да стапи во контакт со неговата српска колешка, со иницијаторите на проектот “нула роаминг” во Западен Балкан, но и со регулаторните тела во Грција и Бугарија, со цел да се најде начин истото да се издејствува и за Македонците кои ќе патуваат во соседните земји членки на Унијата.

Инаку, во февруари 2019-та година, тогашните ресорни министри од Македонија и Грција, Дамјан Манчевски и Никос Папас, склучија Меморандум, со што требаше да почне постепено да се намалува цената во роаминг меѓу двете земји, за конечно да се укине од 1 јули годинава.

Инаку, од 1 јули ќе се укине роамингот меѓу шесте држави од Западен Балкан. Па така, Македонците кои ќе патуваат во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија или Косово нема да плаќаат за роаминг, односно за интернет и телефонирање ќе плаќаат по редовните тарифи кои ги користат дома. Но, тоа нема да важи ако се патува во Грција или Бугарија.