Македонија
11. September 2023 - 12:20

Спомен куќата на Блаже Конески ставена на туристичката мапа на Македонија

Спомен Куќата на Блаже Конески во Небрегово за прв пат се поставува на туристичката мапа и понуда на земјава. Освен странски туристи, планирано е тука конечно да започнат и организирани училишни екскурзии. Се потпиша Декларација за развој на локалниот туризам во Општините Прилеп и Долнени која иницијатива ќе биде доставена до повеќе фактори, како што се ЗЕЛС, неколку министерства и Владата. Од поранешната Фондација „Небрегово“ сега Културно едукативниот центар „Небрегово“ велат дека со овој чин се сака да се стави до знаење колкава е големината на великанот Конески. 

„Затоа што Блаже Конески се вградил и како човек, а особено со неговото епохално дело во националните обележја, во нашиот културен идентитет, во нашиот национален идентитет и во нашата опстојба. Токму тоа е основната причина Спомен домот Блаже Конески да се најде на туристичката мапа на Македонија“, истакна Атанас Конески, секретар на Управниот одбор на Културно едукативниот центар „Небрегово“.

Од Заводот и музеј Прилеп истакнаа дека со оваа иницијатива се очекува драстично зголемување на бројот на туристи во Спомен домот на Блаже Конески и негова уште поголема афирмација.

„Доаѓаат групи на ученици, на студенти, од институции, македонистите најмногу, учениците дури тука имаат и свои рецитали, програми, се случуваат проекти. Ние како Завод и музед секогаш проектите со учениците намерно тука ги реализираме со цел да не се заборави и да остане засекогаш во незаборав името Блаже Конески“, додаде Лилјана Неделкоска, библиотекар во Завод и музеј Прилеп и задолжена за Спомен домот.

Од оваа иницијатива бенефит би имал целиот регион затоа што во план е туристите кога ќе ја посетат Спомен Куќата на Конески, истиот ден да бидат однесени и до Куќата на Пеце Атанасовски во Долнени, да се посетат Манастирите Трескавец и Зрзе, како и другите поставки на Заводот и музеј Прилеп.