Македонија
25. January 2024 - 15:12

СПМ: Јавна поддршка до Сојузот на синдикатите на Македонија

Врховниот суд на Република Македонија денеска соопшти дека на 9.11.2023 година донел пресуда за предметот РЕВ 1-77/22, во кој тужител е Република С.Македонија против тужениот Сојузот на синдикатите на Македонија Скопје, за утврдување право на сопственост на недвижен имот кој претставува административна зграда како објект од општ интерес за државата.

Со тоа потврди дека е донесена пресуда со која им се одзема работничкиот дом на Сојузот на синдикатите на Македонија.

Социјалистичка Партија на Македонија со изненадување ја проследи оваа вест. Имено, образложението во кое предметниот објект-административна зграда и земјиште се сопственост на тужителот (Република Македонија), бидејќи во поголем дел средствата се обезбедени од страна на државата, се во најмална рака апсурдни.

Синдикатот во континуитет и сега и во минатото, прибира материјални средства, кои се основа за изградба на предметната зграда. Воедно, со свој допринос кон изградбата учествувале и други општествено-политички организации, кои се откажале од својот допринос, токму во корист на ССМ.

Кон сите овие аргументи мора да се земе во предвид и одлуката на Уставниот суд на РМ од 1992 (бр.146/92 од 06.10.1992) кој недвосмислено пресудува во корист на општествено-политичките организации потенцирајќи дека неможе државата да биде сопственик на објекти кои самата не ги градела или во кои само делумно учествувала во изградба.

Воедно, општествено-политичките организации продолжиле да постојат, па оттаму имотите остануваат во нивна сопственост.

Во овој случај, партизираното судство одработува за некои елити.

Социјалистичката партија на Македонија прашува, кој сака да го приграби имотот на работниот народ?
На кого му смета Работничкиот дом?

Зошто Врховен суд носи одлука спротивна на одлуките на Уставен суд?

Власта се плаши од гневот на работниците што сама го создава.

Владата предводена од ДУИ/СДС уште еднаш ги понижи работниците. Јавната подршка од страна на поранешниот премиер Ковачевски е залудна и неискрена. Тој имал голем број на механизми со кои досега можел да го помогне синдикатот. Една од можните опци е секако и повлекување на тужбата.
Социјалистичка партија на Македонија му дава безрезервна подршка на ССМ. Ги повикуваме до крај да истраат во оваа битка.

Правдата ќе излезе на виделина, а на оваа однародена власт набрзо ќе и дојде крајот.  Тогаш повторно ќе ги ослобидиме окупираните институции кои ќе ги постават работите на место, согласно владеењето на правото и правдата.

Социјалистичка партија на Македонија