Македонија
24. јуни 2023 - 12:33

СПМ: Бугарскиот премиер Денков се меша во внатрешните работи на суверена држава

Социјалистичката партија на Македонија изјавата на бугарскиот премиер Денков за измените на македонскиот Устав ја оценува како уште едно мешање во внатрешните работи на суверена држава.

Денков со дипломатски речник очекува македонската влада ова лето да го смени Уставот, така како што ветила во 2022 година. Цинично изразува подготвеност за заедничка работа со Ковачевски за исполнување на македонските обврски и тоа со позитивна реторика. Во спротивно нема да се остварат добри билатерални односи што е исто дипломатска закана и најава за следно бугарско вето.

Јамката околу вратот што си ја стави Ковачевски се нарекува преговарачка рамка и билатерални протоколи базирани на Договорот за соработка, а потпишан од неговиот претходник Заев.

Својствено на овие социјалдемократи е упорното настојување да ја бугаризираат Македонија и за тоа имаат помош, поддршка, но и притисок од бугарската страна, а како на сервилни политичари познато им е нивното ограничено траење.
Затоа тимови од власта наметнуваат тези и работат на убедување дека со измените на Уставот се оди во интеграција кон ЕУ, а во спротивно кон изолација, што е ноторна лага во која народот не верува, но и самите тие што убедуваат повеќе не веруваат.

Социјалистичката партија на Македонија повторува дека измена на Устав под притисок, закани и уцени нема да има и не смее да има. 
Доколку Ковачевски смета дека само со телефонски разговори ќе ги убеди македонските граѓани во добронамерноста на бугарската страна тогаш тој живее во илузија, во виртуелно време и е несоодветен за функцијата што ја врши

Социјалистичката партија на Македонија укажува дека власта на СДС и ДУИ доживува целосно фијаско и во надворешната политика, таа е неуспешна и на штета на македонските национални и државни интереси.

Социјалистичката партија на Македонија