Македонија
21. September 2016 - 15:19

Спасовски на конференција „Нерегуларната миграција како еден од предизвиците на Македонија денес“

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска присуствуваше на конференцијата „Нерегуларната миграција како еден од предизвиците на Македонија денес“, која беше организирана од Македонското здружение на млади правници во соработка со амбасадата на Кралството Норвешка.

Во своето обраќање до присутните, соопшти денеска МВР, министерот Спасовски рекол дека  во периодот од 1 јануари 2015 година до крајот на јуни 2016 година низ територијата на Република Македонија транзитирале близу 800.000 мигранти, што е повеќе од една третина од бројот на жители на Република Македонија.

- Справувањето со оваа состојба беше, без сомнение, еден од најголемите предизвици во последниот период. Се работеше за категорија на лица кои воопшто не сакаа да се задржуваат на територијата на државата, туку во што пократок рок да транзитираат низ неа и секое нивно подолго задржување значеше и предуслов за немири и  нарушување на јавниот ред и мир.  Во такви услови, од една страна требаше да се обезбеди ефикасна контрола на границите и контрола на мигрантите кои транзитираа низ државата, а од друга страна да се заштити животот и здравјето на овие лица, рекол министерот Спасовски.

Тој ја потенцирал и поддршката на голем број држави од Европската Унија кои преку донации, но и со испраќање свои полициски службеници во Македонија помогнаа во справувањето со овој проблем.

- Од 21 декември 2015 година до денес во обезбедувањето на нашата јужна граница учествуваат и полициски службеници од Австрија, Чешка, Полска, Унгарија, Хрватска, Словенија, Србија, Словачка... Од март 2016 година трошоците за нивниот престој ги покрива Европската Унија преку проект имплементиран од Интернационалната организација за миграции. Во моментов на јужната граница се распоредени 166 странски полициски службеници. Состојбата на јужната граница сега е значително поразлична од онаа во 2015 или првите три месеци од 2016 година, но кризата е далеку од завршена. Во просек дневно се спречуваат и до 100 обиди за илегален влез во Република Македонија, иако во последните две недели оваа појава бележи тренд на намалување, рекол министерот Спасовски.