Македонија
17. July 2019 - 15:39

Спасовски: Граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на корупција, се разгледува можност Кочани да добие СВР

Граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на корупција за да можат истражните органи да преземат соодветни мерки за нејзино спречување и намалување, повика министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, при денешната работна посета на Кочани.

Во врска со случајот „Рекет“ тој нагласи дека ресорното министерство постапува според насоките добиени од Јавното обвинителство за гонење организиран и сериозен криминал.

– МВР постапува по случајот, затоа што ако немавме соодветни информации ќе немаше ниту случај. Сакам да ја истакнам подготвеноста, лично моја и на колегите, максимално да ги вложиме сите расположиви капацитети, со цел да се расчисти, не само овој случај, туку и сите други каде има криминал и корупција. Затоа ги охрабрувам граѓаните, ако имаат каков било проблем во секој сегмент, што се однесува на криминал и корупција, отворено да го пријават, рече Спасовски.

Тој информира дека се анализира состојбата на подрачјето на Полициската станица во Кочани и се очекува да заврши до крајот на август, за да можат, подвлече, да се произнесат дали ќе пристапат кон промена на Законот и менување на статусот на станицата во Сектор за внатрешни работи.

Според Спасовски, во изминатитот период од државниот буџет се вложени околу 7,5 милиони денари со кои е извршена реконструкција на зградата на Полициската станица во Кочани со што се обезбедени подобри услови за работа на полициските службеници и за пристапот кон граѓаните.

На средбата во Локалната самоуправа на Кочани, министерот Спасовски се сретна со градоначалникот Николчо Илијев, со кого разговараше за безбедносната состојба во општината, како и за други проекти од економскиот и социјалниот развој. Притоа посебно внимание му беше посветено на проблемите од безбедноста во сообраќајот и мерките што се планирани за нејзино подобрување.

Министерот Спасовски присуствуваше и на состанок со членовите на Советот за превенција на Општина Кочани, при што се разговараше за заштитата од пожари во текот на летниот период и беа најавени санкции за прекршителите на законските одредби кои нелегално палат оган на отворен простор.