Македонија
14. November 2020 - 14:49

Советот одлучи Куманово да одвои милион денари за инфраструктура на модуларен ковид центар

 Општина Куманово за инфраструктура при изградба на модуларен ковид центар во Куманово ќе одвои милион денар, средства што ќе се користат за дотур на вода, гас, електрична енергија.

Предлог одлуката за одвојување на средствата советниците ја изгласаа едногласно на вчерашната седница.

Модуларниот центар ќе го гради Владата преку Министерството за транспорт и врски. Раководителката на секторот за урбанизам од општина Куманово, Лидија Ланг Спасовска информираше дека за ова дополнување на предлог програмата добиле допис од Министерството за здравство.

– Како дополна на дополнување на предлог на програмата за изменување и дополнување на програмата за уредување на градежно земјиште, изградба и одржување на комунална инфраструктура на град Куманово за 2020 година, предлагаме едно дополнување. Се работи за одржување на комунална инфраструктура и објекти се додава нова точка 15-изградба на модуларен ковид центар во износ од милион денари. Овој предлог е од вчера, ни стигна допис од Министерството за здравство испратен е до сите општини и ние како општина сме должни во Совет да се изгласа програма во која ќе се определат одредени средства за изградба на овој ковид центар. Секако, ковид центарот ќе биде финансиран од страна на Влада преку Министерство за здравство. Овие средства кои се определени од страна на општина се однесуваат на доопремување на самата инфраструктура, додаде Ланг Спасовска.

Доколку има потреба општината преку Советот ќе определи и дополнителни средства за поддршка на модуларниот ковид центар.

Претходно, од болницата информираа дека модуларниот ковид центар треба да се изгради на просторот помеѓу инфективното и поранешен објект на физикална терапија кој од поодамна не се користи.

Во меѓувреме, претставници на армијата, на општината и црвениот крст оваа недела поставија привремен објект-шатор во кругот на кумановската болница кој се користи како ковид чекална за пациентите, за да не се создава метеж во и онака тесните простории на инфективно одделение.