Македонија
15. September 2019 - 8:18

Советот на обвинители утре ќе реши што со обвинителите на СЈО

Утре треба да продолжи седницата на Советот на обвинители на која ќе се констатира и престанок на мандатот на другите обвинители во Специјалното јавно обвинителство. Советот вчера ја разреши специјалната обвинителка Катица Јанева, по што, според Законот за СЈО мандатот на обвинителите на СЈО не може да го надмине нејзиниот мандат. Таа вчера беше разрешена за незаконско, нестручно и несовесно работење.
 
Според Ацо Колевски, претседателот на Советот обвинителите на СЈО најверојатно ќе се вратат во матичните обвинителства. Тој рече дека иако Законот за СЈО сѐ уште е во важност и не е донесен нов закон за ЈО во кој треба да се регулира позицијата на СЈО, Советот нема да назначи вршител на должноста, бидејќи назначувањето е на предлог на Собранието.
 
„Не постојат услови за поставување в.д. имајќи го предвид Законот за СЈО каде стои дека  предлог за именување специјален јавен обвинител дава Собранието. Ние очекуваме предлог од Собранието, бидејќи овој Закон сѐ уште е во важност, па ќе одлучуваме“, рече Колевски.
 
Вчера Собранието едногласно без ниту еден глас против од присутните пратеници, а со 102 гласа „за“, Катица Јанева беше разрешена од функцијата шеф на СЈО.
 
Процесот на разрешување на Јанева почна на 29 август со извештајот на Советот на јавни обвинители за нејзино разрешување поради нестручно, незаконско и несовесно работење.  На 5 септември собраниската Комисијата за избори и именувања едногласно и без дебата донесе заклучок да му предложи на Собранието да ја разреши Јанева. Вчера тоа го стори и Собранието, по што Советот на јавни обвинители ја разреши Јанева.