Советот на обвинители треба да назначи в.д. на местото на Зврлевски
Советот на јавни обвинители денеска се очекува да назначи вршител на должноста јавен обвинител на Република Македонија, на местото на Марко Зврлевски кого Собранието на 17 овој месец го разреши од должноста.
Како што најави претседателот на Советот Петар Аневски по разрешувањето на Зврлевски, вршител на должност ќе биде назначен од неговите заменици, а ќе ја извршува должноста до изборот на нов државен јавен обвинител.
Владата на Република Македонија на завчерашната седница му предложи на Собранието да ја почне постапката за избор на нов државен јавен обвинител.
Согласно член 41 од Законот за јавно обвинителство, Собранието на Република Македонија по предлог на Владата, го огласува именувањето на јавниот обвинител на РМ во „Службен весник на Република Македонија" и во најмалку два дневни весника од кои еден од весниците што се издава на јазикот што го зборуваат најмалку 20 процента од граѓаните кои зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик.
Рокот за пријавување на кандидатите е 15 дена од објавување на огласот во „Службен весник".
Советот на јавни обвинители, пак, има рок од 15 дена од денот на прием на документите да даде позитивно или негативно мислење за сите пријавени кандидати.
Потоа постапката продолжува во Владата која на седница ги разгледува кандидатурите, вклучително и мислењето од Советот на јавни обвинители и треба да донесе одлука за еден од кандидатите за кој претходно постои позитивно мислење од Советот. Потоа одлуката оди во Собрание како Предлог решение, а истовремено се доставува и мислењето на Советот на јавни обвинители. За именување на јавен обвинител Собранието одлучува со просто мнозинство од 61 глас.
Мандатот на државниот јавен обвинител е шест години со право на повторно именување.
На предлог на Владата, Собранието на РМ на 17 август го разреши Марко Зврлевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија. Во причините за разрешувањето Владата наведе дека Зврлевски ја вршел функцијата незаконито, ненавремено и недоволно стручно. Со своето однесување и дејствување, според Владата, покажал дека не е способен за извршување на функцијата и го нарушил нејзиниот углед.
Ново на Сител
-
Муцунски на Министерска конференција за хуманата димензија на Формулата за мир на Украина
-
Висок советник на Зеленски разговараше со Блинкен и Саливан за американската помош и Северна Кореја
-
Поставување камен-темелник за нова детска градинка во општина Ѓорче Петров
-
Седница на Уставен суд, на дневен ред седум иницијативи
-
Собранието ја усвои Националната стратегија за развој
-
Хорор во Битола: Ја заклучил и тепал поранешната партнерка, си ги пресекла вените да се спаси а тој продолжил да ја тепа
-
ЕК ќе ги објави годишните извештаи за напредокот на аспирантите за членство во ЕУ
-
Големо невреме предизвика поплави во делови од Шпанија, има загинати и исчезнати