Македонија
18. August 2017 - 16:28

Состанок на Советот за реформа на правосудниот сектор

Нацрт–стратегијата за реформа на правосудниот сектор денеска беше презентирана на вториот состанок на Советот за реформа на правосудниот сектор, што се одржа во Министерството за правда.

На состанокот, како што информира Министерството за правда, присуствувал и министерот за правда Билен Саљији, кој ги повикал членовте да ги дадат своите мислења и забелешки.

- Нацрт-стратегијата беше поздравена како добар стратешки  документ, во кој се нотирани повеќето слабости на правосудниот систем со конкретни предлог мерки. Членовите на Советот со конкретни забелешки даваа предлози за идно надополнување и изменување на документот, кои ќе бидат разгледани од страна на работната група задолжена за подготовка на Стратегијата, се вели во соопштението од Министерството за правда.

На состанокот се разгледувале и Нацрт-законот за изменување и дополнување на Судскиот совет на Република Македонија и Законот за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување на одговорност за судија, за кои Советот ќе се произнесе на наредната седница.