Македонија
2. October 2021 - 16:47

Сојузот на извидници го суспендираше првиот скопски одред по секс-кампот, но имало ли и други случаи?

Прв Скопски извиднички одред е суспендиран од Сојузот на извидници. Конечна одлука за евентуалните дисциплински мерки ќе донесело нивното Собрание, зависно од резултатите на истрагата.  Изразија загриженост за случувањата  во кампот, но оставија надлежните институции да го расветлат случајот. Првиот човек на Сојузот Бобан Москов, три дена не одговара на поканата на Сител да даде свој став за случувањата во скопскиот одред. Но затоа сега преку соопштение Сојузот ги кара медиумите и тврди дека со сензационалност го нарушувале угледот на извидништвото.

 „Сојузот на извидници на Македонија во изминатите денови вложи сериозни напори да се воздржи од коментирање на сензационалистичките објави на речиси сите медиуми во државата во врска со наводни скандалозни активности на извиднички камп. Сепак, поради огромниот број на медиумски наслови и “стории” кои содржат очигледни намери за генерализирање на настанот и дискредитирање на извидничката организација, принудени сме да реагираме со вакво соопштение, со цел барем во одредена мера да ги ублажиме непроценливите штетни последици кои се предизвикани по извидништвото, како резултат на безмилосниот натпревар помеѓу медиумите за максимизирање на бројот на гледачи, слушатели и посетители“, се вели во нивното соопштение.

Во меѓувреме, не стивнуваат нови сведоштва на родители чии деца присуствуале на кампот. Велат дека се користеле вулгарни зборови, се покажувале полови органи кои се пресликувале на хамер хартија, се организирал избор на најубави гради.

За случувањата во извидничкиот камп, реагираа и од ВМРО-ДПМНЕ. Бараат одговорост од градот Скопје и градоначалникот Шилегов затоа што биле финанисери на проектот.

Градот Скопје финансира многу проекти, вели градоначалникот Шилегов. Не знаеле дека ќе има ваква содржина и повика надлежните што поскоро да го истражат случајот.

Во меѓувреме, покрај Основното обвинителство, предмет за извидничкиот секс скандал отвора и Народниот правобранител.