Македонија
6. February 2018 - 10:25

Собраниска делегација во ЕП во Стразбур

Делегација на Собранието на Република Македонија од денеска до 8 февруари во Европскиот парламент во Стразбур, ќе учествува на 14. Состанок на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска Унија - Парламентарен комитет за стабилизација и асоцијација.   

Собраниската делегација во Комитетот, како што информираат од Собранието, ја сочинуваат пратениците Горан Милевски, Антонијо Милошоски, Бетиан Китев, Ејуп Алими, Реџеп Мемеди и Жаклина Лазаревска. 

Во рамките на состанокот, членовите на Мешовитиот комитет од Собранието и од Европскиот парламент ќе имаат размена на мислења за односите меѓу Европската Унија и Република Македонија со министер за надворешни работи Никола Димитров. 

На состанокот на Мешовитиот парламентарен комитет ќе бидат разменети мислења и за спроведувањето на Планот 3-6-9, препораките од групата високи експерти за системски прашања од владеење на правото, со акцент на реформи во судството, изборните реформи, реформи во работата на Собранието, реформи во медиумите, реформи во јавната администрација, соработката со граѓанското општество, меѓуетничките односи, добрососедството и регионална соработка, имплементирањето на Охридскиот рамковен договор, новиот закон за употреба на јазиците и Берлинскиот процес и дополнителните активности по самитот во Трст.