Собранието втор ден расправа за Буџетот

Собранието на Република Македонија попладнево ја продолжи расправата за Дополнетиот предлог на измените и дополнувањата на Буџетот за 2017. Ова е втор ден од расправата за ребалансот на Буџетот, во која пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата ги изнесуваат, главно, различните ставови во врска со него.
Седницата во 17 часот беше прекината, а претседателот на Собранието Талат Џафери продолжението го закажа за утре во 11 часот.
Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ повторно со став дека со ребалансот на Буџетот се крати на капиталните инвестиции, се намалуваат парите за образованието, здравството, полицијата, армијата, се вработуваат партиски кадри, а обвинија и дека ќе се градат кампови за мигрантите.
Пратеникот Иван Иванов од ВМРО-ДПМНЕ рече дека ова е се само не развоен ребаланс на Буџетот и додаде оти е социјален со низа популистички мерки.
Според Влатко Ѓорчев, пак, од истата партија врз основа на овој ребаланс на Буџетот до крајот на годината нема да има ниту еден проект во местата каде што живеат претставници на различни етнички заедници.
- За два месеци оваа Влада не направи ништо, рече Ѓорчев, а како пример го посочи горењето на депонијата во Струга, каде граѓаните дишат канцероген чад, како и во Тетово, на Порој каде имаше поплави од поројните дождови и каде не е направено исто така ништо.
Никола Мицевски исто така од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека зголемувањето на минималната плата е проект на поранешната влада предводена од неговата партија и оти работниците од текстилните кластери реагирале бидејќи сега нивните плати се повеќе од 12.000 денари, а оти СДСМ предвидува минималната плата да биде 12.000 денари.
Благој Бочварски од СДСМ реплицираше дека со зголемувањето на минималната плата на 12.000 денари, 70.000 работници ќе имаат поголема плата. Според него, за радиодифузната такса не треба да има дилема бидејќи таа ќе се укине, а јавниот радиодифузен сервис ќе се реформира.
Пратениците од СДСМ посочија дека со овој ребаланс на Буџетот се кратат нереалните трошења. Имаше низа забелешки за 11-годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ.
Дебата за ребалансот на Буџетот, која запона на 1 август, предвидено е да трае пет дена.
Ново на Сител
-

Трамп го предупреди Иран дека ќе биде „силно погоден“ со нови напади
-

Техеран: Американски напад врз инфраструктура остави 30 населени места без вода
-

Јовановски останува во притвор уште осум дена
-

Расте бројот на жртви по руските напади во Украина
-

Саудиска Арабија и Пакистан разговараат за заедничка одбрана по иранските напади
-

Со хеликоптер на МВР спасена повредена италијанска државјанка од Шар Планина
-

Тужба против ОпенАИ вредна 10 милиони долари: ЧетГПТ глумел адвокат без лиценца
-

Образованието е фундамент на секоја земја, затоа младите се во фокусот на оваа Влада, вели Мицкоски
