Собранието утврди нов начин за покривање на патните трошоци на пратениците
Од 1 септември пратениците од внатрешноста на државата, кои не поседуваат стан или куќа во Скопје, ќе мора да одберат дали ќе патуваат секој ден до работа со свој автомобил, за што ќе добиваат надомест за гориво во висина од 20 отсто и за патарина, или ќе закупат стан за што Собранието ќе издвои средства најмногу до 400 евра, а трошоците за гориво и патарина ќе им бидат покриени само за викенд и за празници.
Овие одлуки, што беа усвоени вчера на собраниската Комисија за прашања на избори и именувањата значат комплетно нов начин на покривање на трошоците на пратениците бидејќи претходниот ги чинеше даночните обврзници илјданици евра. Според пресметките на Собранието и тврдењата на пратениците со ова драстично ќе се намалат средствата за патни трошоци за пратениците. Собранието пристапи кон менување и намалување на начинот за надоместување патни трошоци на пратениците, по повеќе написи и реакции на социјалните мрежи и изнесени суми кои ги зеле пратеници како од претходните собраниски состав така и од актуелниот.
-Направени се сериозни консултации со секторот за финансии во Собранието, со сите пратенички групи, искористени се и компаративни искуства, изјави Илија Димовски, претседател на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата на седницата.
Што е точно предвидено со двете одлуки?
Во Одлуката за висината на надоместокот на пратениците за користење автомобил во лична сопственост за службени цели и надоместок на трошоци за патарина се предвидува намалување на надоместокот за гориво од 30 на 20 отсто, а освен фискална сметка како доказ тие сега треба до собраниските служби да доставуваат и печатена потврда односно белешка за корисник на платежна картичка издадена заедно со фискалната сметка за платена патарина заедно со слип потпишан од пратеникот или друг соодветен доказ за електронска наплата.
- Ќе може да се плати или со новите картички на Македонија пат или со своја картичка и покрај фискалната сметка ќе треба да се чува и слипот каде има податок за картичката, односно името и презимето на пратеникот, како некаков доказ дека навистина се патувало, појасни Димовски.
Наемнината на стан е ново право што ќе можат да го користат пратениците, предвидено со измените на законот. Надоместок за закупнина на стан се предвидува за оние пратеници чие место на живеење е надвор од територијата на Град Скопје и доколку не користат надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели или надоместок за одвоен живот со семејството.
- Закупнината на стан го исклучува правото за користење на патни трошоци, освен во поединечни случаи. Пратениците ќе имаат право да одлучат дали ќе користат намалени патни трошоци или ќе користат надоместок за закупнина на стан во Скопје, рече Димовски.
Во одлуката се предвидува висината на надоместокот на закупнина на стан за пратениците да изнесува 400 евра месечно, во бруто износ во денарска противредност според средниот курс утврден во Народна банка на денот на поднесување на аконтативната пресметка за персонален данок во Управата за јавни приходи. Пратениците кои ќе остварат право на надоместок на стан ќе имаат право за користење на автомобил во лична сопственост во службени цели и надоместок за патарина за викенди и празници, согласно одлуката за користење автомобил.
Надоместок за закупнина на стан ќе се остварува врз основа на писмено барање што содржи лична изјава, заверена кај нотар, дека барателот нема во сопственост или под закуп стан или куќа со површина најмалку 80 метри квадратни во Скопје. Барањето ќе се поднесува до собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. На пратениците на кои ќе им биде признат надоместокот за закупнина на стан им се признаваат трошоци за комунални услуги за користење на стан и тоа најмогу 100 евра во денараска противвредност.
Димовски рече дека сумите за закупнина на стан и за комунални трошоци се донесени по примерот на Владата на Република Македонија.
Заради остварување на правото за закупнина на стан, пратениците до Собранието на Република Македонија треба да достават и договор за закуп заверен на нотар и доказ дека договорот е пријавен во УЈП.
Надоместокот на закуп и за трошоци се пресметуваат и ќе се исплаќаат од сметката на Собранието на Република Македонија на трансакциска сметка на закуподавачот во бруто износ до 400 евра во денарска противвредност. Одлуката влегува во сила на 1 септември 2018 година.
Но, има ли податоци Собранието колкумина од пратениците што не живеат во Скопје имаат станови во главниот град и како во тој случај ќе им се покриваат трошоците кога ќе заминат во своите изборни единици?
Кус рок за одлука за пратениците што немаат стан во Скопје
Вчера доцна попладне, откако Комисијата ги донесе одлуките со кои за првпат ќе се применува ваков начин на покривање на патните и други трошоци, неколкумина пратеници од владејачкото мнозинство и од опозицијата за МИА дадоа свои првични коментари за тоа како ќе се применува одлуката.
Пратениците Лилјана Кузмановска од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и Горан Милевски од ЛДП, кои доаѓаат од Битола, изјавија дека најверојатно ќе изнајмат станови и нема да патуваат секојдневно до Скопје, додека Хари Локвенец од СДСМ од Прилеп доаѓал со автомобил и така и ќе продолжел.
– Сега првично ја добивам информацијата, ама прва мисла што ми паѓа во моментот е стан, па сите трошоци да бидат како ќе ги договорот закупецот и Собранието, можеби е најдобро да немаме никаков контакт со парични средства, вели Кузмановска, која е долгогодишен пратеник и која, како што потенцира, многу тешко го поднесувала понекогаш секојдневното патување од Битола до Скопје. Во еден период, додава таа, се направи многу негативна кампања за пратениците.
- Радосна сум што веќе се решава ова прашање, изјави Кузмановска.
Хари Локвенец, пратеник од СДСМ од Прилеп, сепак, смета дека фокусот на новинарите и на јавноста треба да биде поврзан со дополнителното работно време.
- Секој ден доаѓам со автомобил и претпоставувам дека и ќе продолжам да доаѓам со возило. Зголемената контрола за исклучување на можните злоупотреби е целосно оправдана во насока на зголемување на довербата на граѓаните во институциите. Не е прашањето висината на надоместокот. Сметам дека фокусот на новинарите и на јавноста треба да биде поврзан со дополнителното работно време. На пример мојот колега од Струга има пет часа дополнителен ангажман во текот на денот, како да се справиме со тој дел, рече Локвенец, додавајќи дека тој освен што е на работа мора и да патува пет часа во денот.
Според Горан Милевски од ЛДП ова ќе значи драстично намалување на трошоците на Собранието бидејќи сега оние пратеници кои доаѓаа од најдалеку трошеа меѓу 2.000 и 3.000 евра, а сега таа сума ќе се намали до максимум 500 евра.
- Ќе одберам стан. Тоа и за Собранието е економски поисплатливо и за мене е пологично. Јас и онака не ги земав овие средства, бидејќи не патував секој ден така што колку и патував толку и пријавував, рече Милевски.
Промената на начинот на надоместување на патните трошоци во јавноста беше иницирано од СДСМ и владејачкото мнозинство, а поддржано од опозицијата откако во јавноста беа изнесени информации за енормно трошење на средства од Буџетот за патни трошоци. Некои пратеници по тој основ од Собранието земаа и над 10.000 евра за само неколку месеци. На одлуките им претходеше усвојување од страна на Собранието на измени на законите за пратеници и за плата и за други надоместоци на избрани именувани функционери. Пред да се пристапи кон измени на системот за исплата Собранието направи споредби и компаративни анализи за тоа како го решаваат другите земји од соседството и од ЕУ.
МИА
Ново на Сител
-
Тема на денот со Марија Ристевска
-
Силниот ветер откорна дел од кровот на средно училиште во Штип
-
Ветер од над 100 километри на час во штипско и битолско
-
Приватните превозници ќе се вклучат во сообраќај од понеделник, но бараат зголемување на тарифникот
-
Вински саем во Белград
-
Продолжува амандмантската расправа за предлог-буџетот
-
Се крои новогодишната кошничка
-
СДСМ утре на конгрес ќе бира ново партиско раководство