Македонија
26. December 2025 - 15:25

Собранието усвои неколку закони

Собранието денеска одржа продолженија на три пленарни седници, во чии рамки усвои неколку закони.

Во рамки на 75. Седница, Собранието ги усвои Предлог на законот за ратификација на Дополнителниот протокол 7 за решавање спорови на Договорот за изменување и пристапување кон Централноевропскиот договор за слободна трговија, Предлог на законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Обновување на товарниот возен парк“ на Железници на Република Северна Македонија-Транспорт АД Скопје, Предлог на законот за изменување на Законот за данокот на додадена вредност, сите по скратена постапка, Предлог на законот за дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, Предлог на законот за изменување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам, Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, Предлог на Законот за изменување на Законот за административни службеници, Предлог на законот  за изменување на Законот за платежни услуги и платни системи, по скратена постапка. Собранието го заврши претресот со прост премин за Ревидираната фискална стратегија на Република Северна Македонија за 2026-2030 година.

Пратениците го усвоија Предлог на законот за ратификација на Договорот за соработка во областа на одбраната помеѓу Владата на Француската Република и Владата на Република Северна Македонија, која беше единствена преостаната точка од дневниот ред на 72. пленарна седница.

Усвоен беше и Предлог законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија во врска со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел.

Пратеникот на Алијансата за Албанците, Ријад Шаќири процедурално реагира дека материјалите не им се доставуваат на албански јазик.

-Пред малку ги добивме извештаите на работните тела само на македонски јазик. Само да го демантирам претседателот на Собранието кој што вели дека материјали освен на македонски се доставуваат и на албански јазик. Сега го донесоа, но не навреме и на албански јазик. Затоа, треба истовремено да се доставуваат и на македонски и на албански јазик, рече Шаќири.

Потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска нагласи дека сите материјали преведени на албански јазик се доставуваат навреме на е-парламенти. Потенцира дека како потпретседателка на Собранието ќе побара во салата да не се доставуваат материјалите на македонски и на албански јазик во хартиена форма.

-Ќе ве замолам да бидеме прво колегијални, во отсуство на претседателот вие се повикувате на негова доследност или недоследност, што покажува дека не сте коректни. За волја на вистината и самиот кажавте во вашата забелешка дека веќе ви се доставени во хард копија на хартија преведените документи. Но, пред да бидат ставени, треба и вие и цела јавност да знае дека на е-парламент веќе пред извесно време се доставени соодветно преведените документи. Затоа, ве замолувам за коректност. Конечно принтањето на документите и носење во сала, за мој вкус, е трошење на хартија. Сите должиме лаптопи, сите сме приклучени на е-парламентит. Јас искрено како претседателка ќе барам не само преводите на албански, туку и на македонски да не бидат доставени во хартиена форма. Ова е само трошење хартија. Ние имаме и Министерство за дигитална трансформација. Време е да се приспособиме и прилагодиме на новите услови, рече Бендевска.

Шаќири и одговори на Бендевска дека тој се согласува со нејзе оти треба да се тргне од употреба хартиената форма на документи во време на новата технологија. Потенцира дека се додека материјалите на македонски јазик доаѓаат до пратениците во хартиена форма, тогаш и преведените материјали на албански навремено треба да се доставуваат.

МИА